„Уметноста е ормар“: Апсурд во кој се ужива, но лесно се заборава

„Најлоша е рамнодушноста, која полека станува секојдневје“, пишува во описот, а „Уметноста е ормар“ како да го постигнува токму тоа – ги остава гледачите рамнодушни, без да ги искритикува. "

Една старица се потпира на прозорецот и од преголема љубопитност, премногу се навалува, паѓа на земја и се распарчува. Друга старица се потпира на прозорецот за да види што ѝ се случило на првата – и таа паѓа и се соочува со истата судбина. Потоа и трета, четврта, петта, шеста… низа што завршува само зашто на раскажувачот на приказната му здосадува да ги гледа, па решава да оди на пазар.  

Јасно е дека станува збор за свет поинаков од реалниот. Свет во кој апсурдот е норма, а смртта баналност. И, секако, креаторот на тој свет е еден од првите апсурдисти, рускиот сатиричар и писател Данил Хармс. Во рамките на МОТ, Словенското младинско гледалишче АВГУС ја донесе оваа необична реалност на сцената на Македонскиот народен театар со претставата „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ. Публиката имаше можност да погледне вистински театар на апсурд „спакуван“ во шеесетина минути, но, за жал, ништо повеќе од тоа, иако најавата ветуваше многу.

Генерално, апсурдистите го проучувале соочувањето со бесмисленоста на човечкото постоење и егзистенцијалната загрозеност. Во нивните дела владеат хаосот и отсуството на логика со цел да се долови тој конфликт, а словенечката претстава не отскокнува од овие правила и успешно ги применува. Ликовите, одиграни од страна на Даса Доберсек, Јања Мајзељ, Блаз Шеф и Матија Вастл, се заглавени во нивните репетитивни дејства, нелогични дијалози и бесцелни трагикомични игри. Тие не доживуваат никаков карактерен развој, ниту климакс, но тоа и се очекува од светот  на апсурдот. Акцентот е на говорот на телото и нагласените гестикулации, а кондицијата и фокусот што ги покажуваат актерите на сцена се за почит. Во нивните меѓусебни релации владее силна кохезија што уште повеќе зборува за нивната актерска подготвеност и посветеност. Јана Павлиќ успеала да ги поврзе расказите на Хармс и да им даде некаква драматуршка целина, на што се надоврзува и комплементарниот мизансцен, веројатно заслуга на режисерот. Симпатичен детаљ се и сценските техничари (Гаспер Теснер и Иван Петернељ) кои ја разместуваат сцената на специфичен ритмички начин и неодоливо потсетуваат на познатите „миниони“.

Апсурдната естетика се огледува и во сценографијата која претставува некој вид разурнато складиште на реквизити и сценографски елементи, чиј центар ѝ припаѓа на висечка топка налик глобус, излепена со парчиња од ракописите на Данил Хармс. Друг впечатлив елемент е музичката изведба на Полина Јанежиќ на хармониум – инструмент сличен на оргули што е идеален за претстава од овој жанр, благодарение на специфичните звуци што ги произведува. Костимите, режијата, актерската игра, сценографијата атмосферата – сè е во духот на театарот на апсурдот, но веројатно оттука произлегува и главниот проблем. Не ги надминува очекувањата.

Зошто Хармс денес е прашањето што го поставува најавата за претставата, меѓутоа не успева да го одговори, дури ни во нејзините последни минути. Поврзаноста помеѓу делата на овој авангарден книжевник и современото општество останува неразјаснета и, се чини, недоволно истражена. „Најлоша е рамнодушноста, која полека станува секојдневје“, пишува во описот, а „Уметноста е ормар“ како да го постигнува токму тоа – ги остава гледачите рамнодушни, без да ги искритикува. Во секој случај, нема причина љубителите на театарот на апсурдот да не уживаат во целото искуство, колку и да е тоа лесно заборавливо.

Марија Лукаревска