Во последниве неколку години, некако природно, ни стана традиција во декември да објавуваме новогодишни осврти кои содржат по минимум 3 филмски и/или театарски дела избрани од секој член на тимот, без никакви жанровски ограничувања или пак строго дефиниран број зборови кои треба/мора да ги исполниме. Годинава решивме да направиме две промени: 1) освртот да го објавиме во јануари (годината трае до 31 декември, нели 🙂 ) и 2) да се обидеме со дијаметрално спротивен пристап. Па така, секој има(ше) право да одбере по само 1 дело и во максимум 10 зборови да срочи зошто баш тоа му оставило најголем впечаток во минатата година. Ваквиот минималистички експеримент за некои од нас беше олеснување на обврските (кхм, воведов требаше да биде 2 реченици, ама многу сакам да пишувам … кога имам време, кхм), за други беше предизвик…
Некаде во архивите на нашите Viber дискусии може да се најдат и листи за дела кои може да ви се чинат како залудно потрошено време, скриени задоволства со кои пуштањето „мозок на пасење“ ќе биде уште позабавно, итн. Но, за потребите на оваа листа се фокусиравме на „бисерите“ од 2022 г. Прочитајте ги нашите препораки и уживајте во делата кои ги одбравме! – Јована
Освежителен коктел од научна фантастика, драма, пародија, депресија и крофни. – Филипа Сара Попова
Мал, интимен филм, но толку длабок што не се гледа дното. Долгометражното деби на шкотската режисерка Шарлот Велс во своите 102 минути успева суптилно да ја деконструира љубовта помеѓу млад татко и неговата 11-годишна ќерка која не е доволно зрела за да ја забележи тивката меланхолија во неговите очи. Сценариото органски „скока“ од еден временски период во друг, за да ни ја покаже интерната борба на веќе возрасната девојка да го разбере човекот кој повеќе не е во нејзиниот живот. Гледачот веќе во средината на филмот губи смисла за тоа што е реалност а што не, и целосно се влева во приказната која се протнува и под најдебелата кожа. – Петра Бранковска
Напнат трилер, кој има добро структурирана приказна и високо квалитетна актерска екипа. – Евгенија Арсова
Последниот филм на Гаспар Ное е сосема различен од неговите претходни, визуелно вознемирувачки филмови како што се „Климакс“ или „Неповратно“. Во „Вортекс“ Ное насликува нов вид експлицитност за длабочините на човековата душевна состојба – филмот не е само плитко и шаблонско романтизирање на врската на брачната двојка, туку е суштинско навлегување во нивната тага, предизвици и искушенија. Гледачите можат истовремено да ги следат емоциите на двата главни ликови бидејќи тие се прикажани паралелно, на поделен екран (split screen). Искрениот приказ на љубовта, болеста, животот и смртта е причина „Вортекс“ да се вклучи во еден од оние филмови што може да се гледаат само еднаш. – Павле Ночески

„Во изградба“ е неверојатно квалитетно театарско патување за сите 5 сетила. – Јована Ѓорѓиовска
Бизарна сатира на општеството во добро познатиот стил на Остлунд: умешно доловени типизирани ликови, реплики што поентираат и динамичен развој на дејството кое постојано те носи од една до друга крајност. – Марија Лукаревска
Бонус: Марија, во својот вообичаен стил, одбра уште еден филм!
Ликот на самодеструктивната Лидија Тар е толку темелно изграден што ме натера да пребарам на Гугл дали навистина постоела таква диригентка, а Кејт Бланшет е совршената антихероина: ти дава многу причини да ја мразиш, но на крајот, сепак, сочувствуваш со неа.