ШТО Е ГЛЕДАЈ.МК?
Гледај.мк е неформален колектив за филмска и театарска критика кој поддржува 15тина млади рецензенти кои континуирано се едуцираат за културата и аргументирано се изразуваат за остварувањата кои ги гледаат. Покриваме премиери, филмски и театарски фестивали, а организираме и работилници, предавања и дискусии. За сите посетени настани, редовно објавуваме рецензии охрабрувајќи ја дискусијата помеѓу уметниците како создаватели на делата и публиката како нивен активен и информиран гледач.
Дознајте повеќе на нашата Facebook страна или контактирајте со нас на gledaj.mk.official@gmail.com.
КОЈ Е ГЛЕДАЈ.МК?
Активностите на Гледај.мк ги спроведува мал, петчлен тим, со великодушна поддршка од Младински Културен Центар – Скопје, како заеднички дел од програмите на Млад отворен театар и Синедејс.


МЕНТОРИ

Проф. Д-р Ана Стојаноска
Tеатролог, вонредна професорка на Факултетот за драмски уметности ― Скопје, по предметите Македонска драма и театар, Историја на светска драма и театар и Од книга до филм, на додипломските студии. На мастер и докторските студии предава предмети од областа на театрологијата и театарската критика. Дипломирала на Филолошки факултет во Скопје, на отсекот за општа и компаративна книжевност (2001). Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007). Работела како истражувач-координатор во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности ― Скопје од 2002 година. Учествува на многу симпозиуми и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата. Пишувала театарска критика за дневниот весник Дневник (2003-2004). Автор е на театролошките книги: Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (ФДУ, 2014) и Македонски постмодерен театар (ФДУ, 2006). Приредувач на книгите Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската и странската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, еден е од авторите/составувачи на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007). Пишува драма, поезија и проза. Автор е на романот Јас и Лин, отпосле (Блесок, 2016), за кој ја доби наградата Рациново признание за 2017 година и влезе во најтесниот избор од три романи за наградата Роман на годината. Автор е на монодрамата Стаклен лампион, праизведена како радиодрама, во продукција на Театра – Скопје, 2013 година.

Васко Маглешов
Роден 1985. Дипломира светска книжевност. Магистрира на Институтот за социологија во Скопје. Работи како новинар и уредник во неколку медиуми. Објавува статии за книжевноста во е-списанијата „Блесок“, „Современост“, „Репер“… Во 2014 година добил награда за филмска критика на Фестивалот за европски филм „Синедејс 2014“, како и награда на Меѓународниот ПЕН за најдобар есеј. Член на жири-комисија во програмата на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ и на жирито за филмска критика на „Синедејс 2015“. Од 2016 година пишува филмски рецензии за специјализираното филмско списание „Филм Плус“. Учествувал на повеќе креативни работилници и семинари. Објавил и поезија во неколку антологии. Поле на интерес му се филмот, наратологијата и влијанието на културните политики. Одржувал обуки за медиумска писменост.

Влатко Галевски
Од 1988 до 1993 година работи како уредник на видео изданијата на Македонија Филм Скопје. Од 1993 до 1998 година е уредник на филмската програма на А1 Телевизија и автор на емисиите „Синема“ и „Синеманија”. Од позначајните работи во неговата кариера, се јавува како продуцент, директор на фотографија и коавтор на музиката во филмот „Маклабас” во режија на Александар Станковски. Меѓу другото, се јавува и како актер во филмот „Самит на Шаманите”, исто во режија на Александар Станковски. Автор е на две книги, „Фацерија” (2010) и „Исповедни финеси” (2015). Од 2001 до 2011 година работи како уредник за култура и уметност во неделникот/месечникот „Форум“ и како уредник за специјални проекти во истиот.
Во изминатите 20 години работи како радиоводител на неговата авторска емисија, Слушајте филм, денес на Метрополис радио. Влатко Галевски е уметнички соработник и селектор за четири концерти на филмска музика со Македонската филхармонија во периодот 2010-2011 година. Во својата кариера, впишан е и како претседател на неколку филмски фестивалски жирија на фестивали како Астерфест, CINEDAYS, ЕХО – фестивал на планинарски филм и Македокс. Тој е и автор на преку 600 филмски рецензии во домашни и странски списанија како „Екран“, „За Македонцките работи“, „Форум“, „Фокус“, „Кинопис“, „Сарајевске свеске“ и многу други. Од 2016 година работи како главен и одговорен уредни на единственото месечно списание за филм, ФИЛМ+ кое излегува како додаток во најтиражниот дневен весник Слободен печат.
ОСНОВОПОЛОЖНИЦИ

Атанас Димитров
Дел од првата генерација на новинари и водители на Радио МОФ. Рецензент и повремен фотограф. Страствен уживател во делата на Карпентер и чизи акциски филмчиња од 80-те.

Јована Ѓорѓиовска
Истражувач, психолог, рецензент. Не верува во концептот на „омилени“ нешта, љубопитна е за сè.