Годинешното 24. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама – Битола ги истражи многуте аспекти на популарната Хамлетовска дилема „да се биде или не“, со особен акцент на човечкото постоење што не остава простор за ништо друго освен „да се биде“. Монодрамата е театарска форма што, всушност, најдобро може да ја долови „суштината на она што значи да се биде жив“. Еден актер на сцената се соочува со љубопитните очи на гледачите, од кои секој има свои индивидуални очекувања за она што треба да се одигра на сцената. Актерот има многу тешка задача да ѝ го задржи вниманието на публиката и да ѝ раскаже приказна што ќе ја допре, сам со своите актерски умешности, потпомогнат од светлото, музиката, реквизитите и другите можности со кои располага една театарска сцена. Но сценските алатки играат споредна улога во ваков вид претстава – успешноста на една монодрама во голема мера зависи од способноста на актерот ДА БИДЕ вистински присутен на сцената, овде и сега.

Тоа го демонстрираа двете претстави од првата фестивалска вечер, „Храна за душа“ (Народен театар Подгорица, Црна Гора) и „Кога цветаа тиквите“ (во продукција на Кристијан Танчевски и НУ Народен театар – Битола). Сосема различни по сензибилитет и идеја, обете монодрами дадоа своја дефиниција на тоа што значи ДА СЕ БИДЕ на сцената.
„Храна за душа“ е театарска адаптација на истоимениот роман на Жана Полиаков, во режија и изведба на Славко Калезиќ. Станува збор за перформанс кој наликува на мотивациски говор или психотерапија, чија цел е да ги ослободите присутните од општествените стеги и да им ги прошири видиците. Актерот игра жена, и тоа го прави толку уверливо што некаде на средина од дејството неговиот биолошки пол биднува неважен и се претопува со идентитетот на ликот во монодрамата. А ликот е продуховена, модерна, еманципирана жена која својата независност ја потенцира со бескомпромисната потрага по сопствената среќа. Актерот многу вешто го крши „четвртиот ѕид“ со тоа што им нуди колачиња и други закуски на гледачите, им се обраќа и ги анимира. Постојано буден и присутен, неговата енергија на сцената е речиси опиплива, па дури и нема потреба од кусите танчарски и пејачки точки кои се провлекуваат низ дејството. Самиот тој, на необично уредената сцена (сочинета од впечатливо осветлен стол во форма на лотос и две масички со храна и пијалаци) и во костим со ефектен дезен, е доволен за да го задржи вниманието на публиката.

Тешко може да се процени дали целта на режисерот и актерот навистина е да ја прикаже жената како комплетна индивидуа, надвор од традиционалните женски улоги. Или пак заднинската идеја е да ја исмее комерцијалната филозофија на многуте тренери за личен развој кои промовираат „самопомош“ базирана на псевдопсихологија. Монодрамата би имала поголема смисла ако станува збор за второто, бидејќи во моментите кога актерот би требало да покаже емоции и сериозна глума, тој се потпира на карикирање. Во целина, актерот остава печат со својата присутност на сцената, ретко кој може да остане имун на неговата харизма, а претставата е забавна, гледлива и оттаму произлегува нејзиното психотерапевтско дејство.
По леснотијата на актерската игра на Славко Калезиќ, во Центарот за култура – Битола завладеа сосема поинаква атмосфера кога сцената ја зазеде Кристијан Танчевски со неговата „Кога цветаа тиквите“, исто така адаптација на роман. (автор: Драгослав Михајловиќ, стручен консултант: Љупчо Ѓоргиевски). Почнувајќи со прашањето „да се вратам или не“, приказната зборува за пропаднат боксер кој поради лошото друштво и политичките идеали запаѓа во агонија и носи низа лоши одлуки, кои евентуално го одведуваат далеку од неговата родна земја. Симболично уредена со вреќи полни камења и една боксерска вреќа, сцената се претвора во метафорички ринг каде што ликот се бори со сите противници кои му застануваат на патот, за на крајот да сфати дека неговиот најголем противник е самиот тој. Актерот покажува цела палета емоции, меѓу кои доминираат гневот и очајот, енергичен е и доследен во својата изведба, но како да му недостасува за нијанса посилна конекција со публиката. Темата е комплексна и тешко може да се спакува во ваква форма, па овој амбициозен подвиг е за поздрав.

И двете монодрами, со сите свои недостатоци и блескави моменти, сведочат за тоа колку е важна енергетската присутност на актерот на сцената. А таа се согледува од секој гест, мимика, шепот или извик, особено од оние минималните. Публиката многу добро го разбира и чувствува тоа, без оглед на јазикот, возраста или театарската едуцираност. Присутноста е најсилното оружје на актерот што игра монодрама и тука не постои друга опција освен да се биде. Сите други елементи (макар било тоа и светлечка лотосова фотелја) се излишни.
Марија Лукаревска