Кон „Aftersun“ во режија и сценарио на Шарлот Велс, кинематографија на Грегори Оке
Врската помеѓу родител и нивното дете е доста комплицирана – базирана на чиста и некорумпирана љубов, но често компромитирана од различни битки во животот: траума, недоволни финансии, отсуство. Секако дека родителите го сакаат најдоброто за своите деца (што е општоприфатен наратив), но нивните постапки и несовршености оставаат длабока трага врз формативните години од развојот на нивните деца. Како што луѓето созреваат и работат на себе, тие почнуваат полека да ги сфаќаат постапките и однесувањата кои или не ги забележале или пак не ги сфатиле кај своите родители – откривајќи нови извори на тага. Младата шкотска режисерка Шарлот Велс го поминала токму тоа, а продуктот од нејзиното процесирање комплицирани чувства е еден од најдобрите филмови на 2022, „Aftersun.“

Калум (Пол Мескал, номиниран за „Оскар“ за оваа роља) е млад татко на 11 годишната Софи (Френки Корио во импресивно деби). Тој не е романтично инволвиран со нејзината мајка, но нивните разговори често завршуваат со „те сакам“, нешто што ја збунува Софи. Калум не живее во Велика Британија, и не ја гледа ќерка си многу често, па шансата да поминат еден летен одмор во Турција ги прави и двајцата среќни. Софи е паметна, љубопитна и полна елан. Таа ја зграпчува оваа можност не само да помине квалитетно време со нејзиниот татко, туку и да искуси нови работи како девојче кое полека го спознава светот околу себе – да запознае момче кое ѝ се допаѓа, да се дружи со тинејџери и да ги набљудува нивните навики.

Филмот е брилијантен токму во тие интимни моменти кога камерата ја „фаќа“ Софи во нејзиното уживање, додека суптилно ги покажува сите промени на лицето на нејзиниот татко кога таа не го гледа. Калум го прославува својот 31-ви роденден на овој одмор, но неговата насмевка е присутна само кога ќерка му е во непосредна близина. Некаде на средина од ова 102 минутно остварување гледачот сфаќа дека целата приказна е раскажана од точката на гледање на возрасната Софи, што донекаде го објаснува чувството на несигурност за што е вистинска меморија, а што е ново разбирање за тогашната психичка состојба на таткото кој можеби веќе не е присутен во нејзиниот живот.

Сценариото е толку кохерентно што овие преоди од минатото до сегашноста како да течат органски, па меланхолијата на Калум и неговите внатрешни тегоби стануваат се поистакнати како што Софи полека созрева со сите нови искуства на одморот. Музиката на Оливер Коутс ја подвлекува внатрешната борба на Калум во моментите кога е сам со своите мисли, но е совршено избалансирана со среќните мемории на малата Софи од својот татко за филмот да нема никаква депресивна нота, туку само „среќно“ меланхолична.
„Aftersun“ е мал, интимен филм кој успева да излезе од типичните стеги на филмовите кои се занимаваат со созревањето на нивните ликови и да внесе свежина во новиот бран независни филмови. Сензибилноста на режисерската палка е можеби најголемиот адут – сепак, гледачот е оставен со чувство на нежна болка која полека поттикнува интроспекција за себе и својата врска со родителите.
5/5
Петра Бранковска