(кон перформансот „Драга Републико“ на авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац, Ивана Васева и Викторија Илиоска, изведен во објектот на Централна пошта)
Перформансот по дефиниција треба да ве (ис)провоцира, да ве стави во дадена ситуација, да ви постави прашања, да ви се обрати директно и да ве предизвика да делувате. Перформансот Драга Републико го прави тоа. И тука може да завршиме или може да почнеме со оваа рецензија на настанот. Во време кога скоро целата светска јавност се обидува да го најде балансот меѓу идејата за општо-колективно добро и зачувување на идентитетските маркери на една култура, најлесно егзистираат екстремните претставници од двете страни – или се јавува ултра глобализам затскриен зад фасадата на големите унии или се јавува тежок национализам, воден од повеќето десничарски партии низ светов. И двете се некаков облик на фашизам. Посебно што и двете инсистираат на бришење на важни историски, културолошки и уметнички факти и дела. Последниве години тој конфликт само ни покажува колку се кршливи некои однапред претпоставени позиции на „малите“ култури, меѓу кои и нашата. Без минато нема иднина – не е само празна флоскула. Едноставно таа е формулата за зачувување на културното наследство, посебно она нематеријалното. Имајќи го предвид сето ова, перформансот Драга Републико се обидува гласно да делува/дејствува на темата бришење на историските настани, горење на уметнички дела во корист на пљачкање на државата (намерно ми е брутална реченицава), заборавање на важните архитектонски и други уметнички дела („од нас почнува се“ е типична фашистичка одредница), судски процеси кои не се во служба на откривање на виновниците, туку само формален однос кон правдата (одамна заборавена).

Авторскиот тим – визуелниот уметник Филип Јовановски, изведувачката Кристина Леловац, кураторката Ивана Васева (зад себе ја имаат наградата „Златна трига“ на Прашкото Квадриенале за перформансот Оваа зграда зборува (на)вистина и перформансот Универзална во пламен) и кореографката Викторија Илиоска создаваат активен, визуелно моќен и перформанс што вознемирува, во кој учествуваат како изведувачи актерите Дениз Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Симона Димковска, Нина Елзесер, Изабела Јакимова, Нела Павловска, Сандра Танчева и хористите Дамјана Апостоловски, Мартин Блажевски, Мариана Бошковска, Шинаси Рамадани, Дино Хрџиќ. Кога станува збор за перформанси со поголем број учесници – сите изведувачи се вклучени во самото дејство (и неговата подготовка) и активно делуваат симултано и синхроницитетно, што е очигледно и во оваа изведба.

Водејќи нѐ од паркингот на зградата, со помош на неколку моќни симболични алатки: црната облека на изведувачите, црвеното платно што требаше сите да го носиме, да се пресече и постели на скалилата за да го изгазиме, наративно следејќи нѐ со помош на проектираниот текст на ѕидот (ѕидовите) на зградата, звучно илустрирајќи ги емоциите што требаше да бидат предизвикани (моќна хорска изведба на неколку композиции), авторите и изведувачите на перформансот нѐ вовлекоа во дејствието веднаш и комплетно, за во внатрешниот дел на зградата уште повеќе да се засили емотивниот комплекс со пуштањето на чадот, кучињата што шетаа меѓу нас и најпосле, делењето на мажи и жени во различни простории. Сето тоа заедно со оние фотографии на влезот (секој од гледачите, сега веќе учесници, беше замолен да биде фотографиран на влезот и потоа истите беа проектирани како да сме дел од музејските постановки на логорите од едно не толку далечно минато) направија да и ние станеме дел од перформансот и истовремено да го сведочиме поразот на народот од својата република, на луѓето од нечовечкиот свет околу нас, на поединецот од користољубивите сожители непосредно до него.

Структуриран во четири дела (пролог/епилог, прв чин Република, втор чин Прослава и трет чин Вечниот антифашизам), перформансот имаше своја наративна линија, драматуршки составена од неколку важни/моќни дела, книгата Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар Скопје, архитект Јанко Константинов од Јован Ивановски, Ана Ивановска, Владимир Десков (Музеј на град Скопје, 2016), Крушевскиот и манифесотот на АСНОМ, филмот на Пазолини Сало или 120 дена Содома, документарниот филм Босна. Кампот од Нидал Маграби, Вечниот фашизам на Умберто Еко, Радикалноста на љубовта од Сречко Хорват и судењето „Пошта“. Кога станува збор за перформанс, независно што е насочен од тоа визуелно и аудитивно да „говори“, место да кажува/искажува/прикажува, сепак треба да има една конкретна драматургија која ќе ги поврзе сите знаци во една посебна текстура која на гледачот (во случајов учесник) гласно и јасно ќе му ја пренесе потребата/поттикот/поривот за изведбата. Во овој случај, на неколку места, драматуршки беше обременет перформансот, па наместо да се засили дејството се намалуваше. Сепак тоа не ја намалува ниту вредноста, ниту емотивната импресија од гледањето. Посебно не, она гласно читање на сите учесници во перформансот во централната шалтерска просторија (одлично просторно решение за завршниот чин затоа што симболички кругот може да го протолкуваме и од античка театарска орхестра до култните кружни простори во кои се изведувале ритуалите) на писмото до Републиката во која силно ефективно беа пренесени сите слабости, сите неможности и сите недоследности на ова место што го нарекуваме наша држава, наместо гласно да ѝ го кажеме името!
Ана Стојаноска