Кон „Анет“ во режија на Леос Каракс, сценарио на „Спаркс“, кинематографија на Каролин Шампетиер
„Анет“ не само што е долгометражното деби на англиски на реномираниот француски режисер Леос Каракс, туку и годинава го отвори Филмскиот фестивал во Кан по пауза од една година. Зачнат како музички проект на култниот и ексцентричен бенд „Спаркс“ пред да ги здружат силите со Каракс кој е познат по својот бизарен и енигматичен опус („Свети мотори“, „Пола икс), овој 139 минутен мјузикл ги исполнува сите критериуми на едно „артхаус“ остварување: трагични и „комплексни“ ликови, провокативни сцени и голема доза контроверзност. Сите овие состојки за жал не внесуваат оригиналност и супстанца во рецептот чиј финален продукт се прикажува на големиот и (благодарение на корпоративниот гигант Амазон) малиот екран.

„Ќе почнеме ли“? Пеат „Спаркс“ координирани од самиот режисер уште во првата сцена во која ги запознаваме главните ликови, што додава одреден мета-квалитет, но и чувство на култ на личност што можеби не е потребно. Хенри (Адам Драјвер, кој го носи товарот на целиот филм врз неговите рамена) и Ен (Марион Котилард, на која за жал не и е дадено доволно материјал со кој што може да работи) се лудо заљубен, славен пар кој во првите 30 минути не престанува да ја парадира својата романса. Репетитивноста на оригиналната музика компонирана од сценаристите е искористена до максимум и само го амплифицира страдањето што следи понатаму. На среќата и задоволството нагло им се ближи крајот по раѓањето на ќеркичката Анет која во класичен, бизарен Каракс стил е анимирана дрвена марионета. Тоа, секако, е гледната точка на Хенри, олицетворение на токсичната мажественост, чија самодоверба продолжува да паѓа и да уништува сè пред себе кулминирајќи во неопислива трагедија.

Што го прави „Анет“ различен од сите филмови чиј примарен фокус се тегобите, трагедијата и самоуништувањето на (белите) мажи со кршливо его кои предизвикуваат пустош како ураган, кога нивниот (вообичаено женски) партнер е поуспешен од нив? Суштински, не многу. „Анет“ сјае кога примарниот фокус е на живописната сценографија и кога (иронично) бизарните идеи на режисерот се целосно реализирани во нивната апсурдна величественост. Адам Драјвер во улогата на избувливиот Хенри е толку убедлив што се поставува прашањето, дали е тоа резултат на квалитетно сценарио или само последица на другите слабо напишани ликови кои немаат некоја друга обврска, освен да ја зајакнат неговата актерска игра? Камерата на Каролин Шампетиер го потврдува токму второто – таа будно ги следи сите фацијални експресии на Хенри како комарец светло, а се останато бледнее во позадина.

За секој што го познава неговиот репертоар, „Анет“ е карактеристичен филм на Леос Каракс. Сепак, уникатноста што мјузиклот ја носи не успева да го стави во ист калибар како претходникот, „Свети мотори“, кој исто така имаше чест да се натпреварува во Кан. Многумина можат да направат паралела и со комерцијално остварување – на пр. која била верзија на „Ѕвездата е родена“. Дали е тоа за пофалба, останува за скокотлива дебата.
2.5/5
Петра Бранковска