Во нејзиниот прв долгометражен филм, Ена Сендијаревиќ нѐ носи на место кое можеби не е толку убаво, но визуелно воодушевува. „Однеси ме на некое убаво место“ на босанската режисерка порасната во Холандија ја доби Специјалната награда од Жирито на годинешниот Интернационален Филмски Фестивал во Ротердам, а ја имаше својата регионална премиера на 25-тото издание на Сараевскиот Филмски Фестивал.
Микс од патувачки филм и приказна за созревање, „Однеси ме на некое убаво место“ ја следи Алма (Сара Луна Зориќ) која е порасната во Холандија и се враќа во Босна и Херцеговина за да го посети татко си кого не го видела со години. Таа слетува во Сараево и се среќава со нејзиниот братучед Емир (Ернад Прњаворац) кој нема намера да биде добар домаќин, ниту пак да ја одвезе до кај татко ѝ. Таа најпрво не презема никаква иницијатива во врска со тоа, па затоа или бесцелно се шета низ градот или напразно седи во станот на Емир пред конечно да ги преземе работите во свои раце. Заедно со другарот на Емир, Денис (Лазар Драгојевиќ), се решаваат да одат на пат до болницата во Подвележје (регион во Херцеговина) за да го посетат смртно болниот татко на Алма.

Филмот уште во првиот кадар – електрично сина завеса која се вее на ветерот додека во позадина свири електронска музика – поттикнува споредба со разни филмаџии кои имаат уникатни визуелни стилови, а најмногу со Николас Виндинг Рефн кој често користи светли и неонски бои во придружба со нумери компонирани од електронска музика. Филмот низ епизодното раскажување на приказната продолжува да ги предизвикува очекувањата на публиката, па секоја епизода е поексплицитна и помрачна од таа пред неа и е во поголем контраст со околината која е светло обоена.
Ако рамнодушната актерска игра на почетокот само додава кон наивноста која е присутна кај карактерите на Вес Андерсон, на крај приказната зема мрачна и растревожена насока што може да се спореди со емоционално дистанцираната глума во филмовите на Јоргос Лантимос. Иако овие споредби тешко може да се игнорираат, „Однеси ме на некое убаво место“ во целина има уникатна атмосфера која не може лесно да се категоризира.

„Чудноста“ на филмот уште повеќе се зголемува со ненадејните промени во однесувањето на Алма кон луѓето околу неа и условите во кои се наоѓа – поголемиот дел од времето таа не размислува за своите постапки, па ретките одлуки кои ги прави се често ирационални и тврдоглави, како што и би се очекувало од личност која е адолесцент. На почетокот таа изгледа доста незаинтересирано за било што освен да го види татко ѝ, но понатаму таа инсистира дека знае(ла) дека Денис е заљубен во неа. Иако на почетокот таа изгледа ладно, тоа би можело да биде само нејзината реакција (или неможност да изрази емоција) на реалноста која е многу далечна, не само географски, од тоа на што е таа навикната. Ретките знаци на топлина кон други луѓе (како и животни) кои таа ги искажува се како мали прозорци со поглед кон нејзините вистински чувства. Таа истовремено жонглира со незаинтересираноста на братучед ѝ и сексуалната врска со неговиот пријател, но и пробува да ги помири нејзините два идентитета – Босанка и Холанѓанка, добра татина ќерка и млада девојка која ја истражува својата сексуалност – што може да биде сфатено како централна тема на овој филм.

Дуалноста може да се забележи и во палетата на филмот – започнува во нијанси на сино и зелено при што создава летна, приморска атмосфера и наскоро се зачинува со розови нијанси. Боите имаат неверојатно голема улога, па дури и долната облека на Алма (розови гаќи и син градник) и патиките (со сини и розови линии) се синхронизирани со палетата. Визуелната привлечност на филмот е огромна, облиен е во светли бои, па размерот од 4:3 предизвикува публиката да има доживување на „естетски свесен“ Инстаграм профил во форма на филм. Филмот содржи кадри од природа од која запира здивот (задолжително, поради патувачкиот карактер на самата приказна), како и пастелни ентериери и облека. Освен потенцијалната симболика на боите и задоволството од естетиката, целиот изглед само ја зајакнува надреалната атмосфера на филмот.

Иако камерата е премногу стилизирана, а одредени сцени изгледаат непотребни и случајни, „Однеси ме на некое убаво место“ не се потпира само на стилот. Точно е дека не се обрнува премногу внимание на деталите во текот на патувањето, а тоа е јасно поради напорите атмосферата да наликува на сон и крајот на приказната со ќесичка кокаин кој е малку мрзлив. Сепак, Сенадијаревиќ внимателно ги развива своите карактери и креира еден вид на паралелен универзум – доволно чуден за да истакне дел од животот на Алма, а делумно инспириран од животот на самата авторка.
Милица Јоксимовиќ
Авторката учествуваше на програмата Sarajevo Talents Press 2019 на 25-тото издание на Сараевскиот филмски фестивал, каде, под менторство на Дана Линсен и Јоана Павлова, ја напиша оваа рецензија. Оригиналната верзија на рецензијата на англиски јазик е достапна овде.