Изминативе неколку години Оскаровската манифестација не поминува без скандали, оваа година скандалот е тука уште пред настанот официјално да започне. Поради проблемите кои настанаа со Кевин Харт и обвинувањата кои беа упатени кон него овојпат Оскаровското доделување ќе се случи без водител. Публиката е живо заинтересирана како ќе се одвива сето тоа. Номинациите се тука и вреди да се разгледаат. Ова се осумте филмови кои влегоа во трката за најпрестижната награда:

“Black Panther” е sci-fi бајка што се гледа за забава, сценариото е крајно предвидливо, а содржината лесно се заборава. Дополнително, очекувањата за добра доза хумор во филм кој е наменет за забава, не беа исполнети. Ништо спектакуларно, ништо што заслужи номинација за Best Picture, можеби за ефекти и ништо повеќе. Технологијата ја завршила својата работа и визуелните ефекти се навистина импресивни, но тоа е сѐ. Членовите на Академијата како да сакаа да се осигураат дека овој филм ќе добие Оскар и планираа да вметнат посебна категорија за најпопуларен филм. Тоа не се случи, но го протнаа во најпопуларната категорија.

“BlacKkKlansman” и Спајк Ли во нова борба за обесправените црнци. Кога работите ќе се постават вака црно-бело, се чини дека неизбежна е пропагандата. Иронијата кон стереотипите е убава идеја затоа што делува оригинално, но Оскаровската публика е презаситена од филмовите кои ја третираат оваа тематика. Каква и да е приказната, сите личат еден на друг. Кастингот сепак мора да се пофали, особено Џон Дејвид Вашингтон кој завршил одлична работа. Документарниот дел го засилува ефектот и „фаќа“ на емотивност. Филмот успешно му се потсмева на расизмот на уникатен начин, но премногу политика подразбира субјективно заземање страна и ја уништува уметноста.

Дури и никогаш да не сте го слушале бендот Queen гледајќи го “Bohemian Rhapsody” ќе се фатите себеси како ги потпевнувате текстовите од нивните песни и ќе сфатите дека всушност ги знаете и ви се допаѓаат. Тоа зборува за легендарноста на овој бенд. Кастингот во филмот е еден огромен плус, на чело со Рами Малек. Малек ги усовршил сите манири, движења и со сета своја ексцентричност го доловил Фреди како што веројатно никој друг и не би можел. Заслужено го доби Глобусот, а за Оскарот не се знае – Бејл е сериозна конкуренција. Филмот не е совршен, но е директен, без детали и ситничарење околу приказната. Поголем дел е посветен на музиката и грандиозноста на бендот, а помалку на биографијата и човекот Фреди. Но, сепак никој не остана рамнодушен и ако ништо друго ја мотивираше публиката да се заинтересира и да истражува многу повеќе за Queen и Live Aid.

Уште од “Dogtooth” (2009), Јоргос Лантимос режира на уникатен, чуден начин и создава шокантни трилери. Овојпат во “The Favourite” во Шекспировски манир, создал игрива драма што во центарот го става ривалството меѓу две жени. Кадрите кои како да ги гледате низ округли огледала, богатата костимографија и суптилниот хумор го прават овој филм симпатично уметничко дело. Ако ништо друго, би требало да му припадне Оскарот за костимографија.

Иако е преполн со клишеа и стереотипни ситуации, „Green Book“ е убаво возење. И буквално и метафорично. Генералниот впечаток е дека ова е всушност Божиќен филм (или филм којшто е наменет за празнично и топло расположение) кој повремено се занимава со расистички предрасуди. Ако се тргне настрана предвидливоста, филмот намамува со убавиот пријателски однос што го развиваат Виго Мортенсен и Махершала Али. И двајцата се одлични во своите улоги. Бидејќи филмот е работен според вистинска приказна, хемијата меѓу актерите несомнено е многу важна, а тие ја имаат. Али во улога на префинет пијанист, а Мортенсен со вулгарни навики, наликуваат на современи Дон Кихот и Санчо Панса чиешто пријателство се чини невозможно, но изгледа дека поместува граници. Мортенсен има силна конкуренција, но се чини дека Али има најголема шанса во категоријата најдобар актер во споредна улога.

„Рома“ не е филм за маркантни личности и помпезностите што ги нуди Америка, туку емотивен филм за обичниот народ, за обичната жена и секојдневието во Мексико во раните 70-ти. Актерката е тотален анонимус и со ова деби се прослави, а дури не знае ни англиски. Алфонсо Куарон се дал себеси во овој филм, осмислувајќи го совршено секој кадар и вметнувајќи куп автобиографски моменти. Да, бавен е, црно-бел и навидум многу едноставен. Ама се занимава со обичниот живот реално и до болка. Кинематографијата му е можеби најсилното оружје. И ако не го добие Оскарот во оваа категорија, има добри шанси да го победи „Cold War“ на Павликовски во Best Foreign Picture.

“A Star is Born” трае 2 часа и 15 минути, а се чини цела вечност. Кога други актери би биле во улогите кои ги толкуваа Бредли Купер и Лејди Гага, филмот немаше да ја доживее оваа слава. Непотребни сцени еден куп, раздолжен до бесвест, а како ништо да не се случува. Иако главниот конфликт требаше да бидат проблемите со алкохолизмот на ликот што го игра Купер, гледачот не успева да се поврзе, ниту да сочувствува со него. Музичкиот талент на Лејди Гага е неоспорен, но актерскиот е дискутабилен и покрај неколкуте обиди во филмови и серии. Песните од филмот се веќе хитови, најверојатно “Shallow“ ќе освои Оскар во категоријата Best Original Song.

И кога би го занемариле фактот дека политиката во Америка не е нешто што го преокупира македонското секојдневие, сепак “Vice” е екстремно здодевен. Нарацијата и начинот на прикажување кои се обидуваат да бидат сатирични по малку потсетуваат на “The Wolf of Wall Street” (2013), но ни тоа не успева доволно да го задржи вниманието, напротив делува конфузно. Дик Чејни е хуманизиран лик, го гледаме пред сѐ како човек, а потоа како политичар. Навлегуваме во неговиот свет, семејството, болеста и проблемите што го опкружуваат. Но, за сметка на тоа, не добиваме никакви информации за неговата идеологија, ставовите и мотивацијата за неговите постапки. Кристијан Бејл уште еднаш импресионираше со завидна трансформација и голема е веројатноста Оскарот годинава да биде негов. Ејми Адамс е исто така одлична во портретирањето на Лин Чејни отсликувајќи една жена која се наоѓа во близина на моќна позиција. И покрај одличната работа на актерите, овој филм потфрли бидејќи не можеше да се одлучи дали ќе биде едноставна комедија или сериозен и значаен филм којшто претендира за Оскар.
Ѓургица Костадиновска