Растопен снегот во „Зимска бајка“

„Шармот на претставата е непобивлив, но инструментите се раштимани и неусогласени, па не го доловуваат целиот сјај на приказната.“...

Што се топи побрзо во една претстава: симболичниот снег на сцената или ентузијазмот за игра на ансамблот?

Кон изведбата на „Зимска бајка“ на Шекспир Битола Фeстивал 2018. Режија: Дино Мустафиќ, продукција: Црногорски народен театар.

Оцена: 3/5.

Наместо студена атмосфера преку која на сцената во Центарот за култура во Битола ќе оживеат ликовите од Шекспировата „Зимска бајка“, големиот ансамбл од Црна Гора одигра „разводнета“ верзија од претставата поставена пред неполна година. Иако сите аспекти од претставата технички беа „на место“, недостигаше кохерентност и елан во актерската игра. Дополнително, некои од режисерските решенија наместо да ја одиграат улогата на сврзно ткиво помеѓу минатото, сегашноста и иднината, непотребно ги истенчија и онака слабите поврзувачки нишки.

Наративната подлога на „Зимска бајка“ е едноставна, а моќна. Во наплив на бес и параноја, кралот на Сицилија, Леонт (Зоран Вујовиќ) прави неколку несреќни одлуки во типично шекспировска низа со кои од себе ги оттурнува својата сопруга Хермиона (Жана Гардашевиќ Булатовиќ), својот најдобар пријател Поликсен (Славиша Чуровиќ), а го губи и синот (Срѓан Тошковиќ). Режисерот Мустафиќ и драматургот Жељка Удовичиќ Плештина од оваа наративна подлога градат комплексно театарско четиво: два дијаметрално спротивни делови развиени преку контрастите на трагедија – комедија, реализам – фантазми, и историја – модерно доба.

Храбриот засек помеѓу овие два дела, одделени со 10 минутна пауза, е уште поочигледен при анализа на внатрешната логика на претставата. Под велот на пост-драмската слобода која Мустафиќ често ја користи во своите остварувања, „Зимска бајка“ се обидува истовремено да биде и автентична интерпретација на Шекспировата приказна, и интелигентна критика на модерното време и животот во Црна Гора. Па така, „снегот“ паѓа на премногу места одеднаш, но на ниту едно од нив не доволно долго и често за да го покрие (и обработи) комплетно.

Иако маргинално важни за генералниот впечаток, како освежувачки режисерски решенија се издвојуваат редовната употреба на музички инструменти и стихови од познати песни на Queen наместо Шекспировите реплики. Сепак, и ова на моменти има обратен ефект – наликува на опортунистичка желба за капитализирање на сметка на поп културата и можеби, намерно пародизирање на Шекспировиот текст.

Растопувањето на снегот во „Зимска бајка“ е најмногу видливо во недостатокот на актерска уиграност, што дополнително го отежнува гледањето на претставата. Репликите беа бледи, сценските движења збунети, а емоциите ретки. Најдобар индикатор за намалената свесност за интеракцијата актер-публика-сценографија беше речиси постојаното паралелно зборување и движење низ сцената на скоро сите актери, при што публиката повеќе го слушаше шумот од несоодветното сценографско решение за снег на подот отколку нивните реплики. Единствено, Паулина (Јелена Ненезиќ Ракочевиќ) конзистентно ја одигра својата улога без да изгуби од отсечноста, достоинственото движење и продорниот глас.

„Зимска бајка“ е како носталгична мелодија за минатите подобри времиња. Шармот на претставата е непобивлив, но инструментите се раштимани и неусогласени, па не го доловуваат целиот сјај на приказната. Остануваат воздишки по тоа што било а веќе не е и тоа што би можело да биде, ако се пронајде искра ентузијазам за ревитализација.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say