Луѓето од Западниот свет секојдневно ги уживаат придобивките од развојот на технологијата, имаат право на избор, смеат да им се спротивстават на родителите, можат да се облекуваат како сакаат и да се бакнуваат со кого сакаат и каде сакаат. Ним им е тешко да си замислат дека таму некаде постои поинаков живот од нивниот. Живот во којшто последиците се брутални доколку не се почитуваат правилата на традицијата и семејните вредности. А тие се толку строги што честопати прекршуваат некои основни човекови права.

Тоа на своја кожа ќе го почувствува главниот лик во филмот „Што ќе речат луѓето“, интернационална копродукција во режија на актерката Ирам Хак. Ниша (Мариа Мозада) е тинејџерка која живее растргната помеѓу два света. Во едниот, таа е типична средношколка што добро се вклопува во норвешкиот начин на живот. Има пријатели, оди на забави, носи кратки маички, има дечко и доволно е смела за скришум да го покани во својата соба во домот на нејзините строги родители. Од друга страна, пак, таа се обидува да биде послушна ќерка согласно со правилата што ги налага културата на нејзиното пакистанско семејство доселено во Норвешка. Нејзините светови се судираат кога татко ѝ Мирза (Адил Хусеин) ја разоткрива нејзината бунтовна природа и ја начекува во кревет со дечко ѝ.

Текот на настаните можеби би се развивал поинаку кога Мирза би го следел татковскиот инстинкт. Наместо тоа, тој слуша други доселени Пакистанци, кои го советуваат да ја казни Ниша на најбруталниот можен начин. Па така, таткото решава дека поважно му е да го зачува угледот на своето семејство отколку да ја заштити ќерка си. А тоа ја доведува Ниша во безизлезна ситуација, во непозната земја, без телефон, пасош и Интернет.
Поразително е да се гледа како во некои земји сѐ уште е нормално да се казнуваат децата со насилство, да се договараат бракови и да се продаваат жени. Сосема прифатливо е и полицијата сексуално да се изживува врз малолетници, но најпотресително е сознанието дека родителите се подготвени на најлошите нешта, само за да си го обелат образот. Сите овие вознемирувачки моменти се вешто прикажани преку уверливата глума на актерите, природните реплики и многуте блескави решенија во монтажата. Режисерката школски се придржува до петте развојни етапи на дејството, но успева да одржи тензија и неизвесноста е присутна до самиот крај.

„Што ќе речат луѓето“ е лесен за консумирање благодарение на динамиката, но тежок за дигестирање поради темата. Ова е филм што без да навреди никого, прикажува како слепото држење до традицијата може да биде манипулативно, безмилосно, дури и нечовечно. Сепак, прашање е дали филмов успева да допре онаму каде што најмногу треба. Или, пак, допира само до публика со „напредни“ сфаќања која се смета себеси за освестена? Има ли ефект врз сите оние на коишто угледот им е приоритет на сметка на безбедноста и среќата на сопственото чедо, без разлика дали се традиционални или не? Ќе можат ли да ја погледнат поголемата слика и да си признаат дека ваквите случаи не се толку далечни и можеби се присутни токму пред нивниот праг?
Марија Лукаревска
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Europe House Skopje.