Што значи да се биде жена во денешно време? Кои се основните координати кои ја дефинираат положбата од која таа постои и го искусува светот? Како една жена го пронаоѓа балансот помеѓу очекувањата од средината и сопствените потреби? Токму оваа „помеѓу“ состојба ја истражуваат три претстави од натпреварувачката програма на годинешното издание на Интернационалниот театарски фестивал на монодрама во Битола. „Вла Вла Влајленд Кабаре“, „Крик“ и „Сив свет“ адресираат различни елементи од женското секојдневие во модерното доба, заедно градејќи една ненамерна, но слоевита целина која ги надминува географско-културолошките граници на трите држави од кои доаѓаат авторските тимови.

Хрватската „Вла Вла Влајленд Кабаре“ (режија и сценарио на Иван Лео Лемо), преку животното искуство на чистачката Влајна која од татковината се сели во Германија, ги анализира макро силите кои влијаат на нејзината добросостојба и лична перцепција за успех. Преку мешавина од сатирични песни и речиси „стенд-ап“ пристап, актерката Еција Ојданиќ зборува за секогаш актуелни теми, особено на нашето поднебје: меѓуетничката нетрпеливост која се пренесува од колено на колено, леснотијата со која човек може да се претопи во аморфниот просек, сиромаштијата и ужасната инфраструктура кои директно влијаат на квалитетот на живот… Детално изградениот лик на Влајна, заедно со шармот на Ојданиќ и уверливата изведба, изградија весела атмосфера на која беше тешко да се одолее. Од едноставни игри со зборови до интелигентни шеги за кои се потребни неколку сцени да се развијат, Лемо и Ојданиќ покажаа како една широка хумористична палета, поткрепена со малкубројни но моќни реквизити, може да се употреби за прецизна анализа на општествените влијанија врз Влајна, која, по првичен отпор, одбира да плива наспроти течението на реката на мнозинството. И наместо постојано да се туфка како да ги задоволи сите наметнати барања, Влајна ужива на границата помеѓу повеќе идентитети што се чинат контрадикторни, а всушност го збогатуваат нејзиниот живот.

Ако хуморот е главното одбележје на „Вла Вла Влајленд Кабаре“, одмереноста во емоциите и документаристичкиот пристап се клучни во македонската монодрама „Крик“ чија тема е сексуалното вознемирување и силување (трула верзија на мезокосмосот наречен интеракција помеѓу две човечки битија). Базирана на текстови на Франка Раме, Ана Исаковиќ, Миња Боговац, во комбинација со архивски материјали и вистинити приказни, оваа монодрама е „игра, претстава, кабаре“ (со зборовите на авторката и актерка Енџи Николоска, како мини-рефрен за премин од една во друга сцена). Сепак, во „Крик“ нема ништо смешно, изнасилено, претерано како што би се очекувало во едно т.н. кабаре. Напротив, моќта на „Крик“ лежи во играта на Николоска која со леснотија преминува од перспектива на жртва во улога на насилник, притоа не губејќи го фокусот во краткиот период помеѓу овие спротивставени позиции. Користејќи само различни костими и сопствениот актерски капацитет, Николоска ги гради ликовите во корелација со мултимедијалните материјали проектирани зад неа. Па, како од учебник, „Крик“ им дава глас на повеќе засегнати страни – освен жртвите и насилниците, вклучени се и полицијаците незаинтересирани за правда, гласните интернет „активисти“ и народната порота која ги дефинира нормите за (не)морално однесување според сопствената удобност, а не според етичките вредности. По бесконечната листа случаи на сексуално вознемирување на крајот од претставата, останува парадоксот кој лежи во насловот – „Крик“ не содржи ниту еден крик, но вреска гласно за една болка која многу ретко се обработува во македонскиот театар.

Додека „Крик“ тргнува од индивидуалните доживувања на повеќе жени за да го коментира општествениот однос кон сексуалното насилство, танцовата претстава „Сив свет“, во режија и изведба на Зои Лопез Сампер од Шпанија, е посветена исклучиво на најинтимниот дел од интеракцијата на една жена со светот – таа со самата себе и сопствената анксиозност, како невидлив, а постојан придружник. Лопез Сампер во „Сив свет“ постојано се тетерави над амбисот помеѓу притисокот да се влезе во општествениот калап и бегањето од реалноста преку игра, нереалистично високите критериуми за себеси и природната потреба за одмор и тишина. Лопез Сампер ја канализира борбата со сопствената сенка во модерен танц, чија сировост е подвлечена со едноставна, а ефективна употреба на светла и големо парче проѕирен најлон како единствен „алат“ за игра. Изборот на универзално препознаени метафори (на пр. црвените светла како знак за опасност, придушената какофонија од звуци наместо опсесивните мисли кои често ги пратат анксиозните напади, задушувањето во вакуум кој самите го креираме) ѝ овозможува на публиката да се препушти на циклонот кој ја носи актерката, па наизменичните состојби на благосостојба, анксиозност и исцрпеност да ги почувствува како целосно свои.
Сепак, во обидот за поедноставување на инаку комплексната природа на анксиозноста како растројство, потпирањето на репетитивност во дејството прави „Сив свет“ да изгледа недоречено. Највпечатливиот елемент кој ја крши илузијата на „влегувањето“ во кожата на актерката е гласот со кој ѝ се обраќа анксиозноста, па се отвора прашањето дали Лопез Сампер одлучила намерно на сопствениот имагинарен (не)пријател да му даде машки глас како гласноговорник за интернализираните перцепции за сопствената (без)вредност или пак, таквата одлука е само суптилна назнака за тоа колку честа појава е анксиозноста, без разлика на полот. И токму тогаш кога ќе изгрее надеж дека најбезбедниот пристап не е тапкање во место, туку активна борба за сопствениот мир, циклонот се враќа уште посилен и побрз, акцентирајќи го растојанието помеѓу нас и она што го посакуваме.
Текст: Јована Ѓорѓиовска
Фотографии: Диоген Хаџи Коста Милевски