Театарската магија што се случува на сцената е единствена и неповторлива. По нејзиното завршување, публиката задоволно ракоплеска, актерите добиваат овации, завесата се спушта и столчињата полека се празнат. Гледачите обично си заминуваат со впечатоци од она што се одиграло пред нив, несвесни за целиот процес што се одвивал зад кулисите. Претставата „Грета“ во продукција на независниот театар „Златен Елец“ открива дел токму од тој невидлив театарски свет на деноноќни проби, незгодни театарџии, длабоки фрустрации, но и бескрајна љубов кон оваа професија.
На малата сцена во Македонскиот народен театар, режисерката Тамара Стојаноска ја разголи душата на театарот преку осум различни концепти за култната сцена со кутијата на Грета од Гетеовиот „Фауст“, во комбинација со текст на Луц Хибнер. Всушност, ова парче од драмскиот класик служи само како сврзно ткиво меѓу повеќе различни ситуации, а главниот акцент се става на специфичните карактери и нивниот однос кон театарскиот процес. Иако повеќе од час и половина се чини многу за дуодрама, Димитрина Мицкоска и Ане Блажовски успеваат да се справат со предизвикот и да го задржат вниманието на публиката до самиот крај.

Обајцата актери покажуваат солидна подготвеност за трансформација и вешто ги доловуваат многуте ликови инспирирани од реалниот свет. Па така, на сцената оживуваат цела плејада режисерски и актерски типови, како што се: љубител на чашката кој воопшто не се интересира за пробите; режисер заглавен во минатото кој не престанува да зборува за својата работа; амбициозна актерка што премногу се оптоварува со ликот; актерска дива која секогаш знае најдобро и други. Сите тие се претставени на комичен начин, со преувеличени недостатоци и доза гротеска. Но гледачите имаат можност да се запознаат и со вистинските Димитрина и Ане преку нивните куси автобиографски монолози, што придонесува за создавање поинтимна атмосфера и релација меѓу публиката и актерите.
Осумте фиктивни проби се одвиваат во минималистички, но впечатлив сценски дизајн (Слободан Петрушевски), сочинет од две необични ѕвездени столчиња, клупа и штендер со разновидни костими. Експерименталната музика на Лука Тошев надополнета со вокалот на Дина Јашари, иако звучи магично, не е доволно оправдување за предолгите премини од една во друга сцена. Овие паузи непотребно го развлекуваат дејството и како да ја намалуваат концентрацијата на гледачите. Во секој случај, тие не влијаат врз крајниот ефект на театарското дело, само што веројатно би се заштедило на време доколку се изостават или скратат.
„Грета“ можеби е скромен, но е значаен обид да се прикаже еден театарски процес преку свеж, објективен и искрен пристап. Комичните елементи го разигруваат дејството и ја забавуваат публиката, па така ја ублажуваат сериозноста на некои од отсликаните проблеми, што не значи и дека не ги потенцираат. Токму затоа, ова е претстава што допира и до повремените театарски посетители и до вистинските љубители на оваа драмска уметност, кои сакаат да ја демаскираат и насмеаната и тажната страна на театарот.
Марија Лукаревска