(За претставата „ГЛУМиЦИ“ на колективот „Артопија“, изведена во МКЦ на
30.3.2022г., како колективно авторство, дизајн на сценски простор Ненад Тонкин,
авторска музика на Дино Имери)
Пречекани од гласот на актерката Слободанка Чичевска од Велес, што го раскажува својот животопис, отворајќи ги сите добри и лоши страни на актерството, женскоста, мајчинството и работата во сите (не)возможни услови, влеговме во Дансинг салата на МКЦ, во неформално структурираниот простор, на кој се сместени и актерите и актерките на оваа мошне интригантна, вознемирувачка, силноекспресивна и моќна театарска претстава на колективот „Артопија“ и како публика – директно и бескомпромисно бевме вклучени во нивната изведба на претставата „ГЛУМиЦИ“. Претставата е конструирана како интерактивна претстава во која секој(а) од актер(к)ите дава приказ на својата актерска професија, истовремено вовлекувајќи ја публиката во секој од сопствените актерски фрагменти, комплетно посветени да ни ги прикажат сите страни на актерската уметност и оние блескавите (како светликавите фустани и конфетите на крајот) и оние суровите (како потресните навидум комични интервенции на тема каква треба да биде една актерка) и оние видливите (како сите предрасуди за актерките како жени) и оние невидливите (како сите оставени траги/лузни/стигми на нивните тела затскриени со шминка). Едноставно, ако не сте спремни да им погледнете и на театарот и на најтешката театарска професија и уметност директно во очи, тогаш не ја гледајте оваа претстава.

Сакајќи да напишам сѐ што мислам како осврт или рецензија за претставата, сфатив дека ќе ми треба многу повеќе од неколку страници напишан текст и дека ќе треба целата емоција, експресија и импресија за оваа претстава да ја соберам концентрирано за да не ѝ одземам ненамерно некој од нејзините многу слоеви.
Претставата ја отвора актерката Наташа Петровиќ покажувајќи ни директно како оди целиот процес на костимирање и декостимирање, „маскирајќи“ се со хулахопки (во нејзина позадина, како дел од инвентивниот сценски дизајн на Ненад Тонкин, стоеја мноштво искинати, исфрлени случајно, исто такви секојдневни женски хулахопки*) – можеби најтрауматичниот женствен знак кој истовремено треба да ја покаже сензуалноста, но и остриот рез кон реалноста со нивното кинење кога најмалку – секоја жена – очекува. Сакам да напоменам во овој прв дел, секој(а) од актер(к)ите нѐ воведуваше со своите специфични елементи од сопствената актерска естетика. Танцувајќи на музиката на Дино Имери и покажувајќи го нејзиниот широк актерски спектар, Петровиќ покажа во директен контакт со публиката, како ликот може да вознесе, но и да те „тресне“ на земја.
Емотивниот приказ беше остро пресечен со почетокот на креацијата на Симона Спировска која непосредно и директно се обрати во публиката и реши да „го слушне гласот на народот“ за вечната дилема каква треба да биде една актерка, имплицирајќи на сопствената наметната етикета дека е таа актерка со силен политички ангажман. Симона Спировска е актерка со неверојатно моќен актерски потенцијал, што го сведочевме во понатамошниот тек на претставата, но во овој момент беше поставен како опозитна метафора на нејзиниот третман во јавниот простор. Тоа е всушност, првиот лајт мотив на претставата – ликот на актерот во јавноста наспроти неговиот личен актерски потенцијал. Но, ако тоа го правеа на просечен начин, изведувачите на оваа претстава, немаше да биде ниту моќно, ниту силно. Сите изведувач(к)и истовремено и автор(к)и на претставата: Кристина Леловац, Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски и Мартин Јордановски влегуваат посветено, непосредно, самосвесно, самокритично и со огромна почит кон сопствената уметност. Само оној кој е свесен за себеси може да си дозволи да се шегува на своја сметка, да ја иронизира својата сопствена ситуација, а истовремено да ја сака и почитува публиката, затоа што само така се прави мошне силен и успешен театар!

Суровоста на светот кон театарот ја покажа како лична приказна актерката и професорка Кристина Леловац, во нејзината изведба на еден автоироничен начин од сопствената дијагноза на лумбална ишијалгија до изведбата на „Private Dancer“ од Тина Тарнер, давајќи ни ја најважната театарска магиска формула „да замислиме“. Дека не е сѐ така сексуално, невино и завиткано во целофан, остриот рез го направи актерот Бојан Кирковски кој покажа неколку лица на „машкиот“, силниот, доминантниот глас не само во театарот, туку и во светот, чиј ирониски коментар на гледањето на жените во театарот истовремено горчеше додека се смеевме на неговата изведба. Хуморот, секогаш треба да е директен и остар и истовремено да ја натера публиката да размислува.
Токму оваа кулминативна точка беше важна за понатамошното градење на претставата, изведбата на Никола Наковски во женски лик (прецизна реминисценција на сите оние мажи актери што играат женски ликови, но и посветеноста на младите актери во дрската конфронтација со постарата генерација на актерки). Неговата изведба ја засилува шлаканицата на општеството што од жената бара да е витка според пропорции на модните списанија, со испеглано лице и со единствена функција да го задоволи (машкиот) стандард. Тука би сакала да ја истакнам и изведбата на Ненад Митевски, кој првин затскриено и дискретно, но потоа, мошне емотивно силно ја даде сопствената слика на уметноста. Се разбира, ваквото прикажување не беше сукцесивно, ниту дијахрониско. Овие моќни изведувачи напаѓаат истовремено и паралелно на неколку начини во неколку сценски димензии. Од коментар на режисерите и едукаторите, педагозите и професорите, до односот меѓу колегите. Иако комично и навидум лесно и рекреативно, ова е најсилниот емотивен момент кога сме свесни дека е навистина така како што е прикажано, но истовремено сме и немоќни да го промениме тоа. Водејќи нѐ, низ лавиринтите на сопствената уметност, вешто и храбро, со дозирана употреба на сатира, хумор, директна комуникација и музика, вадејќи ги суптилно и непосредно сите свои изразни средства, трансформирајќи се пред нас, од директен коментар на ситуацијата со ковид пандемијата до личните уметнички достигнувања, сите изведувачи пред нас создаваа театар во неговата базична форма. Во непосреден контакт со публиката. Затоа што токму тоа, во ова пандемиско време и најмногу ни фалеше на сите.
Моментот кога актерот Мартин Јордановски, облечен во ист таков светликав диско фустан како од неговите колешки почна да ги чита искуствата на актерките и нивните сведоштва, непосредно и емотивно наредени, беше јасно дека доаѓа мигот кога се жртвува уметноста на Дионис, па покажувајќи го основното – во театар треба да играш со партнер и најголемата доверба е меѓу партнерите во сцената, тој се предаде во заедничкиот симболичен ритуален чин. (До овој момент тој не беше директно вклучен на самата сцена, седејќи од страна и шминкајќи се пред огледалото го даваше својот коментар на уметноста во која секој од нив го покажува својот максимум).

Претставата завршува во една ововремена ритуална форма на заедничко танцување меѓу актерите и публиката, како што и почнал театарот, во алхемиската магија меѓу митот и ритуалот, меѓу приказната и танцот.
Комбинирајќи ги изразните средства на документарниот и форум театар (како што наведуваат авторите, направени се и интервјуа со други актерки од различни генерации), со личните истражувања на повеќе методи на актерска игра, како и сопствената актерска поетика, овие актери ни покажаа каков театар треба да се игра ако си сериозно посветен на сопствената уметност!
Ана Стојаноска