Сите лица на кревкоста во режија на Меѓународниот фестивал Диваделна Нитра 2022 (ПРВ ЧИН: Монодрами)

„Монодрамите на фестивалот уште еднаш докажаа дека помалку е повеќе, па така минималистичките изведби во кои емоцијата е главниот двигател на дејството, беа тие што оставија најголема трага кај гледачите“.

ПРОЛОГ

Замислете си мозаик со многу парчиња. Некои од нив се цврсти, издржливи и успешно го поминуваат тестот на времето. Но некои се оштетени и изронети и вистината е дека, во суштина, сите тие се кревки. Доволна е само една подлабока пукнатина за да се распадне целиот мозаик. Така е и за сите работи во животот. Телата се разболуваат, стареат и умираат. Чашите се кршат, уредите се расипуваат, луѓето се менуваат и убавите чувства избледуваат. Пандемии се појавуваат и исчезнуваат. Се започнуваат војни, кои потоа лошо завршуваат. Се предизвикуваат климатски промени што резултираат со природни катастрофи. Можеби е клише, но животот навистина е како кула од карти – доволна е само една лоша одлука, повреда или несреќа за да се сруши.

Кревкоста или ранливоста беше носечката тема на 31. издание на Меѓународниот фестивал Диваделна Нитра 2022 во Словачка, кој се одржа од 23 до 28 септември. Петнаесетте селектирани претстави (од кои 8 беа странски продукции, а преостанатите беа домашни) ја истражуваа ранливоста на човекот што доаѓа до израз во непријатни и животозагрозувачки ситуации. Ја разгледуваа кревкоста како нешто спротивно од насилството, како крик за помош, грижа и емпатија – нешто што недостига во светот. Ја прикажуваа кревкоста и како знак на несовршеност, на некаков дефект или грешка наспроти фетишизираната и честопати лажна совршеност. Кревка е природата, кревка е убавината, кревок е мирот во светот, кревки сме ние луѓето…

Како дел од резиденцијата за театарски критичари во рамките на фестивалот, имав можност да проследам 11 од овие перформанси (ќе ги наречам така, бидејќи речиси сите тие отстапуваа од класичната форма на една театарска претстава, но каде е границата и дали воопшто треба да се разграничуваат овие поими во денешно време?!) и да ги дискутирам истите тие со моите колеги критичари од повеќе различни земји, под менторство на театарските теоретичари Штефан Тигес и Дарко Лукиќ. Покрај заедничкиот лајтмотив, овие театарски изведби делат уште некои карактеристики, поради што најлесно е да се анализираат ако се групираат како монодрами, танцови перформанси и групни перформанси.

ПРВ ЧИН: Монодрами

Монодрамите беа во фокусот на фестивалот оваа година, и интересно е што сите нивни изведувачи беа мажи. Лесно може да се објасни оваа симптоматичност со оправдувањето дека селекторите сакале да стават акцент на машкото ментално здравје и да ја срушат стигмата дека ранливоста е генерално женска особина. Сепак, станува збор за обична случајност, но и покрај тоа може да се земе предвид како потсвесна идеја.

Монодрамата која преминува во танцов перформанс „Сега сум Матеј“ (Sad Sam Matthäus) мошне амбициозно го отвори фестивалот, со оглед на тоа што трае цели 4 часа, а бара комплетна концентрација. Режисерот, кореографот и изведувачот Матија Ферлин/Matija Ferlin нашол инспирација во ораториумот „Житието на Св. Матеј“ на Јохан Себастијан Бах и ова грандиозно дело ѝ служи како музичка потпора на монодрамата, која трае исто колку што трае и тоа. Користејќи го говорот на своето тело како единствена алатка, Ферлин ја прикажува ранливоста и минливоста на човечкиот живот на универзално ниво. Колку и да е тежок за следење и восприемање, овој перформанс, кој претставува своевиден музеј на сеќавања, искуства и движења, се покажа како единствениот добар избор за отворање на фестивалот.

Наспроти Ферлин, чие главно изведбено оружје е телото, познатиот актер Гонзало Кунилј/Gonzalo Cunill успева да остави моќен печат само со својот говор во шпанската претстава „Енциклопедија на болката. Прво поглавје: Не кажувај никому“ (The Encyclopaedia of Pain. Chapter One: Mum’s the Word). Базирана на личните искуства на режисерот и поетот Пабло Фидалго/Pablo Fidalgo, оваа емотивна монодрама зборува за врсничкото насилство и злоупотребувањата од страна на професорите во католичкото училиште каде што го поминал поголемиот дел од своето детство. Текстот, кој е во форма на писмо, е актуелен и поетичен, а актерот успева да ѝ ја пренесе својата емоција на публиката со минимални движења и органска актерска игра, па слободно може да се каже дека оваа театарска изведба беше еден од фаворитите на фестивалот.

Сериозната обработка на темата на фестивалот ја разбија две монодрами со примеси на стендап-комедија, унгарската „Живеење на сонот со баба ми“ (Living the Dream with Grandma) и словачката „Татко, мајка, алкохол“ (Father, Mother, Booze). И двете изведби ги истражуваат семејните односи, но во првата гледаме нежна и грижлива врска помеѓу внукот и неговата 97-годишна баба, а втората прикажува дисфункционално семејство со татко алкохоличар. Концептите на претставите исто така значително се разликуваат. Режисерот и изведувачот Лазло Гондор/László Göndör во „Живеење на сонот со баба ми“ користи документаристички пристап со вистински видеа и снимени разговори, со цел да ѝ оддаде почест на баба му Ева Катона, преживеана од холокаустот, но и да ја прикаже неизвесноста на времето што го имаме на располагање со нашите најсакани. Во „Татко, мајка, алкохол“, пак, актерот Роберт Луцкај/Róbert Lucskay и режисерот Јозеф Чајлик/József Czajlik си играат со театарските жанрови и ги поместуваат границите помеѓу автобиографските и фиктивните елементи на приказната.

Сепак, и двете изведби потфрлуваат во своите цели. Лазло Гондор, наместо да ја искористи богатата ризница на сеќавања на неговата баба за да создаде автентична претстава, решава да ги задржи за себе и ги користи само како маска за своето one man show, во кое само тој е во центарот на вниманието и никој друг. Од друга страна, се чини како Роберт Луцкај премногу да се труди, често преглумува, а текстот е полн со клишеа и банален хумор.

Како што обично е случајот, квантитетот никако не е мерило за квалитет. Монодрамите на Меѓународниот фестивал Диваделна Нитра 2022 уште еднаш докажаа дека помалку е повеќе, па така минималистичките изведби, со содржаен текст, прецизни движења на сцената, автентична актерска игра и едноставна идеја во која емоцијата е главниот двигател на дејството, беа тие што оставија најголема трага кај гледачите.

(продолжува…)

Марија Лукаревска