Забава, поука и тотален театар на Охридско лето

...„може и знае да функционира пред секаква публика и дека може и треба да има долг театарски век.“

(„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар Скопје, изведба на 62. Охридско лето)

Актерската екипа на „Чудна случка со кучето во ноќта“ им пружи на театарските љубители во Охрид забавно, поучно и топло искуство со својата целосна предадена игра во Домот на култура „Глигор Прличев“, во рамките на театарската програма на Охридско лето на 19.7.2022. 

Претставата на Зоја Бузалковска, која ја имаше скопската премиера минатиот декември, е поставена на текстот на Сајмон Стивенс (Simon Stephens), кој е драматизација на популарниот роман Тhe Curious Incident of the Dog in the Nighttime на Марк Хадон (Mark Haddon) од 2003. Драматизацијата е оригинално направена за лондонската постановка во 2012, која ќе ги освои најзначајните театарски награди во Велика Британија и се смета за еден од најголемите хитови на лондонската театарска сцена во последните години. 

Приказната ги следи авантурите на Кристофер Бун, петнаесетгодишно момче кое живее со татко му и има спектар аутистични нарушувања, кои прават да биде посебен. Неговата омилена боја е црвената и бојата на метал, а ги мрази жолтата и кафената, не сака да биде допрен, не разбира метафори, не е способен да лаже и е математички гениј. Откако една ноќ во комшискиот двор ќе го најде кучето Велингтон прободено со градинарска вила, решава да ја разоткрие мистеријата за убиството и да напише детективски роман иако татко му рекол „не“, бидејќи Кристофер не прави секогаш тоа што ќе му се каже. Следејќи ги трагите открива многу пострашна мистерија за неговото семејство, но и вистината за неговата посебност. Вистината дека е способен да направи сè.

Драматизацијата се држи до клучот роман во роман, соодветно нудејќи драма во драма. Бузалковска ја продолжува оваа низа нудејќи ни театар во театар. „Истиот исказ“ може да се постави и вака: на сцената не гледаме вистински приказ на вистинските настани според општо прифатени стандарди, туку се посебниот одраз на сликата за светот и настаните како што навистина ги гледа петнаесетгодишно момче со „посебен мозок“ и поставени во претстава според негова драматургија, режија и начин на игра. Ваквиот пристап кон комплексниот текстуален материјал во кој постојано се менуваат и испреплетуваат ситуации, места и ликови, овозможува да се создаде динамичен и магичен свет. 

Базирана на „мејерхољдовски пристап“ во градењето на улогите со примеси на фри-ранинг (freerunning) елементи, како и трансформирачка сценографија, се добива динамична и физички изискувачка престава. Нејзиниот главен товар, ментален и физички, го носи актерскиот ансамбл, кој покажа дека знае да работи како едно тело кога се има јасна и опиплива цел. Постојано во движење, постојано во промена, тие не даваат вниманието да избега во несакана насока.

Природно, се истакнува Дамјан Цветановски во улогата на Кристофер Бун, кој е присутен на сцената во скоро секоја секунда од „двата часа и половина“ театар во театар (минус паузата) со зрелост и сценска прегледност на вистински професионалец. Тој го гради ликот на Кристофер Џон Франсис Бун со таков детаљ во гестите, интонациите и молчењата од самиот почеток до првиот аплауз, па и по него, што почнувате да верувате дека тоа и е без да глуми. При тоа, сценскиот преглед му овозможува оваа игра да не стане механичка и подложна на пропаст при најситната грешка, неизбежна за толку комплексна претстава и соодветно да реагира на малите ипровизации, што само додава на исцртаната природност.

Ваквиот актерски потфат, се разбира, е овозможен со поддршката од комплетната актерска екипа, во прв ред Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Трајанка Илиева Вељиќ (во улогите на таткото, мајката и психологот), како единствени неваријабилни ликови во театарот на Кристофер, во кој се игра неговата детективска приказна. Нивната стабилна игра ја нуди триангулацијата за светот во кој тој соучествува со останатиот дел од екипата: Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески, Нела Павловска, Соња Стамболџиска и Филип Трајковиќ, кои играат повеќе ликови. При тоа, иако овие ликови се сосема спротивставени според нивните карактери, тие успеваат да им наметнат сопствена актерска црта, која на секоја поединечна епизода ѝ дава сплотувачка боја. 

Додека актерската игра повеќе се задржува на физичкото исцртување на карактерите, без големо психологизирање, овој пристап не води кон гротескна карикатуралност, туку повеќе кон карикатурална стилизација соодветна за светот што Кристофер го гледа во неговата посебна глава. Вешто извежбаните фри-ранинг елементи се присутни во текот на целата претставата како главно врзивно ткиво при промената на кратките сцени кои фрагментарно и нелинеарно ја составуваат приказната. Сепак немаме чувство како да гледаме акробатско шоу, бидејќи тие често се сведени на минимални, па дури и невешти гести во согласност со ликот кој ги изведува, а знаат да експлодираат само кога се најпотребни.

Динамичната сценографија на Костантин Трпеноски составена од монтажни елементи, придвижена од актерите се трансформира од двор во англиско предградие, преку полициска станица, училиште, продавница, дневна соба, улица во предградие, железничка станица во Свиндон, метро во Лондон, внатрешност на воз, итн., без до крај да ги црта, ниту пак до крај да ги симболизира овие простори. Во оваа задача, таа се надополнува од видео дизајнот на Осама Алмугани (Osama Almughanni), со три-де мапинг (3D Mapping) проекции на илустрации изведени директно од романот, како комплетен приказ на светот на Кристофер. Сепак, иако оваа комбинација на сценографија, проекција и актер е ефектна, габаритноста на монтажните елементи влијае врз динамичноста и должината на изведбата, без разлика на очигледниот актерски и режисерски обид за што побрза и потечна промена од простор во простор, со што е можеби еден од нејзините ретки проблеми. Костимите на Раде Василев и Елена Вангеловска, одредени од динамиката на промените, се сведени на функционални решенија при цртањето и разграничувањето на различните карактери. 

Музиката на Давид Ангелевски, кој за првпат компонира за театарска претстава, го комплетира чувството на театарот во театар. Ненаметлива, но изнијансирана до најситен детаљ, дава совршена мелодиска и ритмичка подлога која се налепува врз сцените и во спој со раздвижената актерска игра и динамичната сценографија, ја потенцира сликата за светот во посебната глава на Кристофер. 

Изместена од природното лежиште во матичната куќа, изведена пред мешовита туристичка публика во салон која функционира како кино и театар, главната опасност беше да се изгуби неизнасилената прецизна игра која е неопходна за успешен прием на претставата. Секако, со овој проблем се соочува секоја претстава на Охридско лето, бидејќи за жал, Охрид нема вистински театарски простор. За среќа, охридската изведба на „Чудна случка со кучето во ноќта“ не страдаше од овој проблем. Иако кино гледалиштето на „Глигор Прличев“ поставува дистанца меѓу гледачите и сцената, таа беше премостена со топла театарска игра ослободена од секаков грч. Дури и недостатокот од светлосни тела, а особено поинаквото озвучување, вметнаа одредени квалитети во комплетната слика. Првиот ги истакна три-де проекциите, а второто помогна да се истакне секој тон од музиката. На крајот, охридската публика можеше да присуствува на вистинско тетарско искуство. Со скокотливоста и поучноста на темата и цврстата градба на театарскиот приказ, „Чудна случка со кучето во ноќта“ на ДТС докажа дека може и знае да функционира пред секаква публика и дека може и треба да има долг театарски век.

Благоја Б. Бошковски