Кон изведбата на „Антитело“ на затворањето на 39-тото издание на фестивалот Скомрахи (ноември, 2022 година).
Колективно авторство, режија: Зоја Бузалковска, помошник на режија: Александар Степанулески. Играа: Анастасија Величковиќ, Леонардо Лазов, Виктор Мирчески, Ања Митиќ, Стефан Николовски, Нела Павловска, Сара Спиркоска и Лазар Христов.
Иницијална недоверба и дилема околу тоа дали баш ова е вистинското место да се биде во моментот, па постепено „загревање“ кон останатите во просторот и градење заедничко разбирање дека сите искуства се еднакво вредни и важни за споделување, за потоа да се отфрлат социјално наметнатите пранги и да се верува во она што се случува со целото срце. Ако ги прашате психолозите, вака изгледаат многу социјални интеракции – од запознавање нови луѓе и поминување време со нив, до романтични врски, работни односи и групни терапии. Сличен пристап користи и документарната претстава „Антитело“ – првично замислена како испит по актерска игра на тогашни студенти од трета година на ФДУ, а сега дипломирани актери за време на чии студии по Глума започна пандемијата на COVID-19.

Интергенерациска траума, сиромаштија и лош квалитет на живот, родово базирано насилство, поделеност по сите можни логични и нелогични параметри, здравствен систем кој се распаѓа, административни лавиринти, академско знаење кое се продава „на кило“… Ако ја додадеме глобалната пандемија, трауматската позадина на сите овие негативни искуства се засилува, подвлечена со боите на стравот за себеси и другите, смртта на најблиските, неизвесноста за тоа како животот ќе изгледа „по COVID-19“, комплицираноста на „новото нормално“ кое е, на моменти, уште поналудничава верзија од „нормалноста“ пред пандемијата…
Нашето општество, за жал или за среќа, изобилува со случки кои се чинат толку невообичаени и чудни, што прашањето „Зарем не правите сите вака?“ на моменти се чини смешно, излишно, можеби дури и неумесно. Но ансамблот и менторите Бузалковска и Степанулески свесно ги отфрлаат овие квалификации и нурнуваат во колективната (пот)свест, донесувајќи на едноставната сцена бројни драмски вињети кои го отсликуваат нивното лично искуство во последните неколку години. Користејќи малубројни реквизити, архивски материјали и неколку снимки од Zoom часовите во текот на пандемијата, актерите се потпираат на сопствената (и колективната) игра како главен драмски инструмент. Секако, најтешко е да се бориш со сопствените демони, односно да ги преживуваш одново интимните трауми на најблиските колеги/шки пред гледалиште полно непознати луѓе, но искреноста и луцидноста кои проблеснуваат во актерската игра се нишките водилки низ комплицираниот лавиринт од човечки судбини.

Емоционалните премини помеѓу вињетите се така темпирани што потсетуваат на добропознатиот механизам на вакцинирање против одредена болест: шок за организмот кој нема време да застане и размисли, туку мора веднаш да ги искористи одбранбените механизми кои човечката биологија, или во случајот со претставата – психологија, ги создала за да се избори со непријатни искуства. Па така, промените од една кон друга приказна најчесто се нагли и без многу простор за процесирање, но со интензитет кој постојано се зголемува во текот на безмалку двочасовната претстава, што на моменти го отежнува поврзувањето со актерите на сцена.
На крај, по виорот одиграни ситуации, за време на поклонувањето на актерите и аплаузите, на сцената е проектиран бројчаник за сите жртви на COVID-19 кој постепено расте, n+1 ad infinitum. Горчливоста на овој податок опстојува во позадината, додека животот надвор од театарот продолжува, но со нова доза антитела против траума.
Јована Ѓорѓиовска