Од медитации кои завршуваат со грчење до гледање сенки на ѕидот, сите знаеме дека има безброј начини за одложување и избегнување обврски. Но, веројатно најефикасниот е гледање серии, и тоа епизода по епизода, ден за ден. Во ваков случај, мој совет е да изберете добра серија бидејќи така бар знаете дека прокоцканото време имало некаков си квалитет, па поубаво ќе се чувствувате. А во 2021 година излегоа еден куп квалитетни серии. Еве кои од нив се покажаа како најдобри за целосно избегнување на обврските или, во најлош случај, нивно одложување:
Јужнокорејската ТВ серија „Обврзани за пеколот“ („Hellbound“) е мрачна фантазија чиј режисер и сценарист е Јеон Сан-хо (човекот зад култниот хорор филм „Воз за Бусан“). Идејата му дошла на сон (поточно во кошмар), но тој ја развил во уникатна приказна која истовремено дава длабока општествена критика и обработува сложени теми како човечката моќ и слобода, бесмислата на животот, и стравот од смрт и грев. Хаосот настанува кога натприродно суштество почнува да најавува кога некои луѓе ќе умрат и ќе бидат пратени во пеколот. Секој различно реагира на овој феномен, но вистинските конфликти настануваат кога радикална религиска група, искористувајќи ги медиумите и стравот на обичните граѓани, добива власт и контрола врз животот (и смртта) на населението.
Фантазијата и научната фантастика се често потценувани жанрови, но тие можат да ги посочат сите аномалии во еден општествен систем, а се и едни од најдобрите докази за моќта на човековата имагинација. Покрај „Обврзани за пеколот“, уште еден пример за ова е новата американска серија „Фондација“ која се базира на истоимениот серијал на Исак Асимов. Таа не се придржува стриктно кон делата на Асимов, туку комбинира повеќе извадоци од книгите, користејќи посовремена перспектива која ги надминува расните и родовите стереотипи. Со беспрекорни визуелни ефекти, јасно изградени карактери и светови, сложени пораки и доза медитативност и поетичност, оваа серија тек допрва ќе го доживее врвот на својата слава.
Една од највозбудливите серии во 2021 година за љубителите на крими драми е несомнено „Мер од Исттаун“. Актерската ветеранка Кејт Винслет ја глуми детективката Мер која мора да се соочи со своите минати трауми за да реши убиство во малото родно гратче во Пенсилванија. Интересно е што серијата крши повеќе жанровски конвенции, а сепак ги задоволува сите очекувања за една детективска драма. Највпечатливо ми беше тоа што не се плаши да влезе многу подлабоко во психологијата на ликовите и преку тоа да додаде нова посирова и реалистична димензија на крими сериите. „Мер од Исттаун“ вреди да се изгледа и поради кршењето на родовите стереотипи и генијалната актерска игра.
БОНУС ПРЕПОРАКА: Иако е поодамнешна (од 2016 до 2018 година), морам да ја спомнам и британската серија „Цвеќиња“ која ми го освои срцето и ми ја накити 2021 година. Серијата е несекојдневна и прекрасна семејна приказна во која отворено се зборува за посериозни психички состојби и нарушувања. Обично во серии со оваа тематика доминира тагата, но „Цвеќиња“ авентично и храбро комбинира трагични, фантастични и комични елементи, а идејата зад неа е да биде ситком (комедија на ситуации) кој постепено се деконструира и расте во нешто посуштинско. Креаторот Вил Шарп (кој во серијата глуми и споредна улога) самиот има биполарно растројство тип 2, а соработувал и со специјализирани лица за верно да ги прикаже состојбите и доживувањата на ликовите.
Филипа Сара Попова