Чесен образовен работник – 0 : Неправеден образовен систем – 1

...„темелен психолошки профил на секојдневен човек кој се губи себе во обид да го поправи системот, а со тоа го профилира и целиот систем.“

 „Наставничка канцеларија“, долгометражното деби на Соња Тарокич, го испитува целото општество со фокусирање врз еден типичен микрокосмос – наставничка  канцеларија во основно училиште. Централна точка во приказната е Анамарија (Милена Реџепович), нововработениот психолог во училиштето. 

На почетокот, таа ентузијастично се препушта на својата работа, обидувајќи се да направи позитивни промени. Но нејзините добронамерни постапки не се добредојдени од колегите. А причината за тоа е едноставна – таа ја нарушува рамнотежата во системот. Рамнотежа, која постои долго време пред Анамарија да дојде во школото и која освен што се потпира на соработка и добродушност, се потпира и на корупција и малограѓанство.

Настаните вистински ескалираат кога Анамарија случајно дознава дека професорот по историја, Синиша (Стојан Матавуљ), не предава туку изложува свои теории на заговор, а директорката Ведрана (Нивес Иванкович) тоа го дозволува. Директорката го заштитува професорот, кој има очигледни психички нарушувања, но истовремено штети на децата и образовниот процес. Па, откако Анамарија започнува битка за да ги „исправи“ часовите по историја, по пат се сретнува со илјада препреки, кои се заплеткуваат едни со други и дури завршуваат со нејзино отуѓување од наставничката канцеларија. 

Хрватската режисерка прави темелен психолошки профил на секојдневен човек кој се губи себе во обид да го поправи системот, а со тоа го профилира и целиот систем. Нејзиниот филм може да се гледа и како песимистична иницијациска приказна. Всушност, со обидите да промени само мал аспект од образовниот систем, Анамарија ништо не постигнува освен што се менува самата себе. Наместо добродушност и чесност, таа во искривоколчена средина мора да ги активира своите „темни страни“ како лукавоста и агресијата. Со други зборови, за да преживее во наставничката канцеларија, таа мора да ги занемари сопствените вредности и да се престори во друг човек. 

„Наставничка канцеларија“ делумно го следи cinema verite стилот и во него доминираат нагли промени на снимателски план, динамичен мизансцен, динамична монтажа и репетитивни звучни ефекти (ракоплескање, шумови, гласни разговори…). Ваквиот режисерски стил кој во средината ги става ликовите ја разгорува тензичната атмосфера во наставничката канцеларија и истовремено ја доловува внатрешната состојба на амбициозниот психолог. Исто така, овозможува гледачот да сочуствува и со останатите ливкои, макар и да имаат антагонистичка улога, како професорот Синиша. Но, пренагласените стилски финеси на мигови делуваат непотребно, особено во голем број „вишок сцени“ кои не даваат дополнителна вредност на филмската целина.

Во цел тој набој на анксиозност и горчливо реалистичниот приказ на малограѓанските образци на однесувања, филмот отвора и важни универзални прашања – Колку општеството влијае врз градењетп на нашите идентитети? Колку сме спремни да ги занемариме своите вредности на сметка на преживувањето? И колкава е моќта на еден систем наспроти една индивидуа? 

Филипа Сара Попова

Have your say