„Нема да си сама“ но секогаш ќе си осамена

„„Нема да си сама“ е амбициозен, сериозен и емоционален филм кој успева да внесе нов живот не само во хорор жанрот туку и во интернационалната кинематографија“.

Кон „Нема да си сама“ во режија и сценарио на Горан Столевски, кинематографија на Метју Чуанг

Во последните неколку години како да се случи една „ренесанса“ на класичната хорор „антихероина“, волшебницата од фолклорните приказни. Филмовите како „Вештерката“ на Роберт Егерс и „Суспириа“ на Лука Гуадањино успеаја успешно да го „рециклираат“ имиџот и да дадат одредена комплексност и длабочина на нивните длабоко меланхонични вештерки, па не е чудно што овој тренд на продукција на помалку различни, независни хорор сценарија го разбранува едноличниот Холивуд. „Нема да си сама“ на австралијанскиот режисер со македонско потекло Горан Столевски влегува во овој „елитен“ клуб поради овие сличности, но е доволно уникатен во својата инспирација црпена од непресушениот бунар на македонскиот фолклор за да стои рамо до рамо со нив.

Волкојадачката Марија (Анамарија Маринца во една тивка изведба што влева страв во коските) е суштество што е добро познато на балканското поднебје – олицетворение на злото што се храни со живо месо. Нејзиниот облик е гротескен од многуте лузни на телото и „вреска“ опасност, нешто што Јоана (Камка Тоциновски) добро го знае кога Марија ќе дојде по нејзиното новороденче, Невена (Сара Климоска). Спогодбата што ја постигнуваат е еден ужасен компромис – кога бебето ќе наполни 16, Јоана доброволно ќе го даде на вештерката која после може да прави се што сака со неа.

Вака започнува животниот пат на младата Невена кој уште од старт небаре е осуден на пропаст. Таа е изолирана од светот целиот живот, дива, без никакво знаење за се што има надвор од една пештера и од друштвото на суровата Марија. Таа копнее по нешто повеќе – одбива да живее полна со огорченост и тага како својата маќеа. Субверзивниот тек на нејзиниот карактер ја носи приказната во една сосема позната егзестенцијална ситуација – дали може Невена да научи како да живее како човечко битие, што тоа значи и што носи тоа со себе? Целиот филм всушност претставува едно суптилно душевно патешествие на развојот и самоспознавањето на хероината од дете во една млада „жена“. Велам во наводници, зошто таа никогаш нема да биде тоа што сака да биде.

Ова е прв долгометражен филм на Горан Столевски, но начинот на кој што тој ја развива приказната покажува таква зрелост што тоа скоро не може да се забележи. Комбинацијата на морбидно-меланхолична музика проследена со тивката нарација на скоро заборавен дијалект само го потенцираат развојот на карактерот на Невена од „табула раса“ во душа која љуби и сака да живее. Единствениот пропуст може да се најде во некохерентната промена на нејзините улоги – Сара Климоска е режирана да ја игра младата вештерка како на работ на разумот, додека останатите актер(к)и интрикантно ги доволуваат новите доживувања на главниот лик во секоја телесна преродба.

„Нема да си сама“ е амбициозен, сериозен и емоционален филм кој успева да внесе нов живот не само во хорор жанрот туку и во интернационалната кинематографија. Како што би рекле постарите – светско, а наше.

4.5/5

Петра Бранковска