„Тори и Локита“: воајерски поглед кон несреќата на различниот

„Ситуацијата е комплицирана и ветува интересен и динамичен филм, но „Тори и Локита“ стрчи во низата на автентични приказни за мигрантите кои се раскажуваат во последниве години“.

„Тори и Локита“ е новиот долгометражен проект на Жан-Пјер и Лук Дарден, едни од најнакитените кански ветерани на последните неколку децении. Тори (Пабло Шилс) и Локита (Жоли Мбунду) се деца имигранти кои живеат во згрижувалиште во неименуван град во Белгија. Неуспешно се обидуваат да се прикажат како брат и сестра, иако се запознале на патот кон Европа. За разлика од Тори, кој има право на престој во Белгија бидејќи е дете спасено од погубување поради вештерство, Локита мора да најде алтернативен начин да остане. Ситуацијата е комплицирана и ветува интересен и динамичен филм, но „Тори и Локита“ стрчи во низата на автентични приказни за мигрантите кои се раскажуваат во последниве години.

Браќата Дарден ги лишат младите Тори и Локита од сите човечки карактеристики освен нивната способност да трпат болка. Братството кое ги обединува овие две деца се чини како наративен додаток, а не израз на пркосот на животот под било какви услови. Сценариото пак го натежнува неверојатна натрупаност на несреќи која го претвора овој обид за документарец во филм ноар со крај кој може да биде само трагичен. Секако, трагедиите на овие две деца нужно предизвикуваат згрозеност, емпатија и гнев, но не оставаат простор за сложено размислување, а еднодимензионалната трагедија го остава гледачот со изнудени и нецелосни емоции.

Дебитантите Мбунду и Шилс немаат никаква шанса да блеснат како актери со дијалог кој е исто толку ригиден колку што е и очигледно напишан од луѓе кои никогаш не биле во ситуациите кои се обидуваат да ги прикажат како автентични. Ова не би било проблем доколку не беше очигледно дека браќата се обидуваат да симулираат сиров и документаристички приказ на животот на имигрантите. Поради тоа секој кадар е завеан во сивило и нема музика со исклучок на неколку испеани песни. Технички, филмот не инспирира премногу зборови и не се оддалечува од веќе испробаната методологија на браќата.

Лук и Жан-Пјер Дарден овој пат го делат светот помеѓу добрите и лошите. Придонесувајќи кон драматизираната слика што Западна Европа ја гради околу имигрантите со години, потенцирајќи ја нивната различност и неприпаѓање, се прашувам на која страна би припаднале тие.

Севдалина Дамевска