Филмска чек-листа: Топ 5 хорор филмови што оставаат трага

„Морето на лоши хорори со евтини ефекти и неоригинални приказни е широко, но може да се најдат вистински бисери ако се нурне доволно длабоко“.

Да не се лажеме: бројот на луѓе што уживаат во хорор филмови е значително помал од оние што не сакаат да ги гледаат. Тие не се многу омилени ниту кај филмските критичари, па неретко се потценува квалитетот на овој жанр, иако често има многу што понуди. Да, морето на лоши хорори со евтини ефекти и неоригинални приказни е широко, но може да се најдат вистински бисери ако се нурне доволно длабоко.

Секој има свој вкус кога станува збор за овој жанр: за некои е важна атмосферата, за други ефектот на предизвикување страв, а трети се држат до принципот „што покрваво тоа подобро“. Па така не може да се изнајде една дефиниција за тоа што е добар хорор-филм. За мене, треба да ги содржи следниве елементи: издржана, оригинална приказна со ронка емоција; правилно дозирање на страшните елементи без разлика дали станува збор за jump scares или крвави сцени; впечатлива атмосфера создадена со соодветен избор на музика, сценографија и вешта монтажа. И, секако, најважниот критериум ми е: дали и колку долго ќе продолжам да размислувам за филмот откако ќе го изгледам? Изборот на омилени хорор-филмови честопати ми се менува во зависност на расположението, но евентуално, во мислите секогаш им се навраќам на овие 5…

  • „Нешто“ (The Thing 1982) – Научнофантастичен класик во маестрална режија на Џон Карпентер. Антарктика, Курт Расел и вонземјани што ја преземаат формата на нивната жртва. Самата локација на дејството е доволно морничава, па сѐ друго што се случува само го надградува елементот на страв. Се отвораат и прашања за меѓучовечките односи, сомнежот и довербата еден во друг што придонесува за создавање една убаво страшна приказна. Кога сме веќе кај научнофантастиката, вреди да се спомене и „Магла“ (The Mist 2007) на Френк Дарабонт според истоимената новела на Стивен Кинг. Дијалозите го следат холивудското клише, но приказната доживува солиден драматичен развој. Има доволно крвави сцени за љубителите на брутален хорор, но и доза мистика за оние што претпочитаат сами да си ги замислуваат чудовиштата од друга димензија. Крајот е фантастично безмилосен: апокалиптични кадри, моќна музика со етно мелос и една тешка одлука пред неочекуваниот расплет!
  • „Интервју со вампирот“ (Interview with the Vampire 1994) – Кога се зборува за филмови со вампири, првата асоцијација секогаш ми се Луи и Лестат, отелотворени од страна на Бред Пит и Том Круз. Иако не би го опишала овој филм како „страшен“, токму неговата хибридна природа го прави достоен за секоја топ листа на хорор-филмови. Тука има од сѐ по нешто: љубов, грижа, гнев, одмазда, крв и убиства. Сето тоа проследено со неверојатни костими и сценографија, фантастична музика и мистични ликови. Кога сме веќе кај 1994 година, не можам а да не го споменам и „Франкенштајн“ (Frankenstein 1994) во режија на Кенет Брана. Ова е можеби еден од првите хорор филмови што сум ги гледала (како мало детенце), не ми бил страшен ни тогаш ни сега, барем не во традиционалната смисла на зборот, но повторно тука им давам предност на атмосферата, приказната и односите меѓу ликовите. Плус, вреди да се гледа и чисто од љубопитност колку да се види Роберт де Ниро во улога на Франкенштајн 🙂
  • „Пила“ (Saw 2004) – Знам дека не може да се зборува за хорор-филмови без да се спомнат „Ноќ на вештерките“ (Halloween), „Петок 13ти“ (Friday the 13 th ) и „Врисок“ (Scream), но воопшто не сум љубител на „слешери“ (slashers – хорор филмови со убиец што прогонува и убива луѓе). Забавни ми се, ќе ги изгледам ако ги начекам на телевизија, и тука завршува приказната. Единствено можеби би го издвоила „Кошмар на улицата на брестовите“ (A Nightmare on Elm Street), но само од носталгични причини и чудни симпатии кон негативецот Фреди. Тука вреди да се спомене и францускиот „Висока тензија“ (High Tension) поради психолошкиот пресврт, но мене лично поефектни ми се „сплетерите“(splatters – филмови во кои ликовите умираат на екстремно крвав и брутален начин). Ова беше долг вовед за да се предложи „Пила“ (Saw 2004). Одлична психолошка игра надополнета со грозоморни убиства и негативец со трогателна приказна што не ти остава друг избор освен да развиеш емпатија кон Џон Крејмер алијас Џигсо (маестрално одигран од Тобин Бел). Точно е дека целата франшиза има свои подеми и падови, но не може да се негира дека е еден од поинтелигентно направените „сплетери“. „Хостел“ (Hostel 2005) е уште еден таков помалку успешен пример што вреди да се погледне поради апсурдните ситуации и бизарниот хумор на Илај Рот.
  • „Фотографот“ (Shutter 2004) – Да влеземе во длабокото со азиската хорор-кинематографија. Рецептот за предизвикување страв речиси никогаш не се менува: застрашувачки дух со долга црна коса преку лицето, морничави звуци, тотално неочекувани jump scares, паметна симболика и емотивна приказна. Морам да признам дека секогаш успеваат да ме исплашат, па и да ми разбудат по некоја емоција, а најуспешен во тоа бил тајландскиот „Фотографот“. Страшните ефекти се на ниво, но она што особено ми се допаѓа се постојаните пресврти и целата метафора што ја содржи и која е многу вешто прикажана. Би ги издвоила и „Приказна за две сестри“ (A Tale of Two Sisters 2003) и „Мрачна вода“ (Dark Water 2002), поради атмосферата и трогателната идеја на која се базираат. Секако, сите овие филмови имаат и своја неуспешна американска верзија на која не вреди да ѝ се даде шанса. Единствен исклучок е „Прстен“ (The Ring 2002) и во овој случај сметам дека Гор Вербински завршил одлична работа во адаптирањето на јапонскиот Ringu (1998).
  • „Наследно зло“ (Hereditary 2018) – „Подмолно“ (Insidious 2010), „Злокобен“ (Sinister 2012) и „Повикување на злото“ (The Conjuring 2013) се најпопуларната асоцијација за модерен хорор и генерално се базираат на сличен концепт. Имаат комерцијален пристап и толку се слични што слободно може да се направи еден филм во кој ќе се измешаат сите три. Затоа, би рекла да заборавите на нив и да му дадете шанса на перспективниот режисер Ари Астер кој брилира со два ужасно добри хорор филмови: „Наследно зло“ и „Бели ноќи“ (Midsommer 2019). И двата си играат со поимот ужас на оригинален и креативен начин и не би рекла дека предизвикуваат страв, туку дека длабоко вознемируваат. А тоа остава многу подлабока трага од минливиот ефект на брзо и краткотрајно плашење.

Марија Лукаревска