„Најлошите“: Седмата уметност низ детски очи

...„детално промислениот развој на четирите главни ликови, заедно со нивната актерска игра, создаваат социјално реалистичен микрокосмос кој е под огромен емотивен набој.“ 

Ако очите се огледало на душата, тогаш крупните кадри од експресивните лица на четирите деца во главните улоги во „Најлошите“ (во режија на Луиз Акока и Роман Гере) го содржат целото страдање и збунетост на младите граѓани на едно сиромашно гратче во Франција, каде филмска екипа прави кастинг за филм токму за тешкиот живот во ваквите места. Ваквата наративна „мамка“ се развива преку низа морални дилеми и намерно сатирични елементи, но главниот адут на режисерското дуо се младите актери Малори Ванек, Тимео Махо, Мелина Вандерпланк и Луик Пеш. Свесни за товарот кој главните актери ќе го носат во нивното долгометражно првенче (кое годинава ја доби наградата Un certain regard на филмскиот фестивал во Кан), Акока и Гере долго време спроведувале кастинзи низ цела Франција, за да најдат четири деца кои ќе успеат да продрат низ четвртиот ѕид со својот емоционален дијапазон, поширок од голем број возрасни колеги-професионалци. 

Замислен како мета-коментар за седмата уметност и конкретно, работата со деца-актери во неа, „Најлошите“ истовремено го следи снимањето на филмот на новодојденците во гратчето и последиците кои еден ваков несекојдневен настан (во таа околина) ги има. Нишката која ја следи филмската екипа се фокусира на вообичаени настани на еден филмски сет: актерски проби, техничка подготовка за сцени, зближување помеѓу филмските работници и децата, дискусии за тоа како е најдобро одредена сцена да се сними, непријатни тишини во ситуации во кои се очекува од децата-актери одеднаш да се однесуваат како возрасни, итн. 

Паралелно на овие настани, секојдневниот живот во гратчето добива нова димензија – се менуваат односите помеѓу родителите и децата, силеџиите стануваат уште позајадливи, етикетирањето (присутно и претходно) зема уште поголем замав, па четирите избрани деца се наречени „најлошите“ (оттука доаѓа и насловот на филмот кој реферира на перцепцијата на останатите жители на гратчето за главните актери). Кога се вкрстуваат овие два (визуелно различни) света, „блеснува“ остроумноста на Акока и Гере, па се отвораат и прашања за долгорочните последици од однесувањето на „филмаџиите“ кон средината во која снимаат и детството на четирите главни ликови. Во овие моменти, нивниот детално промислен развој и одличната актерска игра создаваат социјално реалистичен микрокосмос кој е под огромен емотивен набој. 

Сепак, иако е очигледно дека Акока и Гере се свесни за тематиките кои ги обработуваат (и нивната остроумност особено видлива во одредени сцени), во „Најлошите“ недостасува режисерска одлучност за вистинската цел на филмот. Речиси документаристички пристап кон горчливиот живот на јунаците (често видлив во француската кинематографија) или длабока општествено-филозофска драма во која сечие однесување е ставено под лупа? Од сцена во сцена, филмот се „тетерави“ помеѓу овие две крајности, па на гледачите останува сами да донесат одлука за тоа каков всушност филм „Најлошите“ се стреми да биде.

Јована Ѓорѓиовска

Have your say