Телевизиска драма со едукативна кауза, трогателна тема, искусна актерска екипа и наградуван режисер – што може да тргне наопаку? Па, многу работи. Во 2014 година, Рајан Марфи (познат по бројни телевизиски серии, како „Американска хорор приказна“, „Сечи докторе“, „Гли“, како и по филмот „Јади, моли се, љуби“) и Лари Крејмер решаваат да направат филмска адаптација на автобиографската драма „Нормално срце“ од 1985 година (чиј автор е Крејмер). Дејството го опфаќа ширењето на вирусот ХИВ во Њујорк во раните 1980-ти години, соочувањето на геј-заедницата со новата епидемија и нивната борба за живот. Иако ова не е првото филмско остварување што ја обработува истата идеја, станува збор за проблем за којшто вреди да се дискутира одново и одново, па замислата не е спорна во овој случај, туку нејзината не толку успешна реализација.

Овој тежок историски период е претставен низ призмата на колумнистот и активист Нед Викс (Марк Рафало). Тој откако ќе ја посведочи нејасната смрт на неколку негови пријатели и ќе дознае за новата ретка болест што првенствено ги „напаѓа“ хомосексуалците, основа заедница за заштита на здравјето на геј-заедницата. Фокусот е на нивните напори да го привлечат вниманието на јавноста и да соберат доволно средства што потоа ќе бидат инвестирани во истражувања за смртоносниот вирус и за обезбедување соодветни терапии. Неколку споредни приказни го проследуваат главниот конфликт, меѓу кои се романсата што се развива меѓу Нед и новинарот Феликс (Мет Бомер), односот на Нед со неговиот брат, адвокатот, (Алфред Молина) кој му помага но не ја прифаќа целосно неговата сексуална ориентација, расправиите на протагонистот со другите членови на заедницата (Џо Мантело, Тејлор Кич и Џим Парсонс) и личната битка на обесправената докторка Ема Брукнер (Џулија Робертс), која исто така минува низ своевидна дискриминација, поради тоа што е во инвалидска количка, како последица на полиовирус (детска парализа). Филмот станува сѐ подраматичен со секоја измината минута (а ги има вкупно 130), и со исклучок на неколкуте светли точки, генерално ја промашува поентата во миговите кога би требало да блесне.

Проблемот се согледува уште во првите сцени кога Нед заминува на волшебен тропски остров преполн со хомосексуалци кои изгледаат предобро за да бидат вистинити. Кадрите од голите машки тела и оргиите се претенциозни и како да ги идеализираат и истовремено вулгаризираат забавите во геј-светот. Сценариото на Лари Крејмер е предвидливо и содржи голем број дијалози кои речиси секогаш се претвораат во дидактички монолози, чија цел е да разбудат емпатија, но наместо тоа предизвикуваат „превртување со очите“ затоа што, едноставно, се претерано клише. Во духот на телевизиската актерска игра, некои моменти се повеќе театарски отколку филмски. Деловите што би требало да бидат најемотивни, постојано ја преминуваат границата и стануваат премногу драматични, а тоа го зголемува ризикот да се уништи целиот впечаток за гледачите кои претпочитаат посуптилна глума. Можеби тоа се должи на несоодветниот избор на актерска екипа (Марк Рафало напати делува како да не се чувствува доволно пријатно во улогата што му е доделена, Џулија Робертс премногу се труди да ја долови строгата докторка, што изгледа вештачки, а Џим Парсонс воопшто не се разликува од неговиот лик Шелдон во „Теорија на Големата експлозија“) или пак на непрецизните режисерски индикации. Во секој случај, резултатот е еден голем предраматичен хаос.

Но не е сѐ изгубено. Трансформацијата на Мет Бомер во улогата на Феликс, кого СИДАТА полека го уништува, е доста уверлива и сосема заслужено му носи Златен глобус. Во целата хаотична драма се провлекуваат и неколку прилично емотивни и реалистични сцени, како тие во кои Нед безусловно се грижи за својот сакан Феликс дури и во неговите најлоши и најболни изданија. Освен тоа, текстот обработува некои аспекти што можеби не биле потенцирани претходно: значењето на сексуалната слобода за хомосексуалците во тој период и последиците од нејзиното укинување, односот на владата кон овој сериозен проблем и политичките сопки што таа ѝ ги поставува на геј-заедницата, само за да го оттргне фокусот од „чумата“ што одзема сѐ поголем број животи.
Земајќи го тоа предвид, штета е што овие вистински судбини не се доближени до гледачите на малку посуштински начин. Површната обработка на ликовите, за жал, ги преувеличува нивните приказни и предизвикува аритмичен пулс кај „Нормално срце“, а сѐ што треба да направи е да ги очовечи и да ги остави да бидат тоа што се: нормални луѓе.
Марија Лукаревска
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.