„Загубената ќерка“: Редефинирање на мајчинството

„Во „Загубената ќерка“ скоро секоја сцена носи емотивен набој при што гледачите се ставени во виор од десетици различни чувства, а секое влече во различна насока“.

Доколку ја сакате актерката Меги Гиленхал, ова е совршениот филм за вас! Но во „Загубената ќерка“ ќе ја „видите“ зад камерите бидејќи ова е нејзин дебитантски филм како режисерка и сценаристка. Филмот ја имаше својата премиера на 78 Венециски филмски фестивал каде доби четири-минутен аплауз, а годинава е номиниран и за „Оскар“ во три категории: главна улога, споредна улога и најдобро адаптирано сценарио. Станува збор за психолошка драма и адаптација на познат краток роман напишан под псевдонимот Елена Феранте. 

„Загубената ќерка“ започнува заедно со одморот на јунакињата Леда (оскаровката Оливија Колман) – средновечна Британка која е професорка по компаративна книжевност и видна книжевна преведувачка. Но, по само неколку денови минати на тивката плажа во Грција, нејзиниот спокоен микрокосмос одеднаш се руши кога пристигнува големо бучно семејство од Квинс. Набљудувајќи ги, таа почнува да се идентификува со Нина (Дакота Џонсон) – мајка која тешко се справува со растењето на малата ќерка Елена (Атена Мартин). Набргу Леда развива неприродна фиксација со младата жена која кулминира кога таа ја краде омилената кукла на Елена. Преку низа флеш-бекови се дознава дека необичното однесување на Леда е поттикнато од односот меѓу Нина и Елена, кој ја потсетува на нејзинот однос кон своите ќерки и ѝ ги надразнува раните од минатото.

Во филмот Гиленхал си игра со општествените стереотипи и ги користи како главен извор на тензија, но и начин да се соочат гледачите со сопствените предрасуди. Бидејќи Леда е возрасна жена која е сама на одмор, семејството на Нина постојано ја гледа со доза сомнеж и неодобрување. Ова отсликува честа појава од реалноста, каде неретко се прават неумесни претпоставки за соло патувачи (особено кога се во прашање повозрасни жени). 

„Заборавената ќерка“ посебен филм и поради начинот на кој се претставува мајчинството. Тоа не е идеализирана релација во која мајката несебично и со задоволство се жртвува за своите деца (како што често го среќаваме во останатите наративи). Напротив, тоа се прикажува пореалистично и сирово, со сите тешкотии и компликации кои ги носи одговорноста. Се поставува и прашањето дали жената може да постои надвор од релациите мајка – ќерка, и колку ја губи индивидуалноста на нивна сметка. Воедно, преку ликовите на Нина и Леда, се урива и митот дека сите жени сакаат да бидат мајки и би уживале во таа улога. 

Во „Загубената ќерка“ скоро секоја сцена носи емотивен набој при што гледачите се ставени во виор од десетици различни чувства, а секое влече во различна насока. Ова е постигнато со беспрекорната глума и меланхоличната музика на Дикон Хинчклиф. А и придушените бои и крупните кадри се појавуваат во вистинските мигови и внесуваат напнатост и во најобичните интеракции меѓу ликовите. Во ретроспективните сцени тие внесуваат и дополнителна поетичност со која јасно се артикулира внатрешната состојба на јунакињата, при што помагаат филмот да го задржи жанровскиот профил на психолошка драма, без да премине во морничав трилер.

Иако е дебитантски филм за режисерката, Гиленхал покажува темелни познавања на филмскиот јазик и држи мајсторска лекција за создавање неизвесност и градење тензија. Можеби филмот не е лесен за гледање и „варење“, но топло го препорачувам за љубител(к)ите на уникатни драми и уметност која ги редефинира и испитува општествените норми.

Филипа Сара Поповa