„Лазаровиот ефект“: Верба, надеж и љубов среде жестока битка со смртта

„„Лазаровиот ефект“ се јавува како вистинско чудо од филм кој успева да го заобиколи и одбегне стереотипниот заплет кога главна тема е СИДА“.

Околу дваесет и осум милиони заболени, а најмалку еден милион луѓе ја губат битката со СИДА годишно. Бројките се сѐ уште високи кога станува збор за епидемиолошката слика во Африка. Но за некое си чудо режисерот Ленс Бенгс успева да ја пронајде и прикаже светлата страна со својот краток документарец, „Лазаровиот ефект“. Без никакви обиди за затскривање на суровата реалност за тоа што значи да се биде жртва на оваа болест, режисерот го следи животот на неколкумина ХИВ пациенти од Замбија, чија здравствена состојба драстично се подобрува откако тие започнуваат со примање антивирусна терапија. 

Констанца Мудена, жена чија животна приказна остава силен впечаток. Таа ги загубила сите деца поради немањето достапни лекови, така што по дознавањето на дијагнозата, буквално ја чекала смртта. Но, без оглед на своето минато останува храбра и цврста личност. Сиот свој живот го посветува на борбата со СИДА, како супервизор во локалната болница. И покрај тоа што ваквата состојба е исклучително стигматизирана, при што се покажува дека борбата не е само внатрешна, туку и надворешна, т.е. меѓучовечка, ништо не може да ја сопре Мудена. Секако болеста не ги бира жртвите, па меѓу нив се наоѓа и малечката Буалија, чие детство било буквално претворено во борба за преживување. Морала да се откаже од какви било активности вклучувајќи го и одењето на училиште, коешто ѝ претставува посебно задоволство. 

Не треба многу време за да се забележи вештината на Бенгс да направи квалитетна селекција на актери(ки) чии стории се споделени, особено кога се работи овие две девојки. Во сцените кога  Мудена организира собир на групата за поддршка на дијагностицираните кои не се плашат да ја споделат својата ситуација, или пак Буалија ужива играјќи си со калта придружувана од страна на своите соученици навистина е прикажана неисфилтрирана човечка емоција. Преку тоа се демонстрираат нешта кои многупати ги занемаруваме во нашиот материјален свет како единството меѓу луѓето кое е гориво за опстанокот на човекот и љубовта кон животот и малите нешта кои му даваат голема вредност.

Изоставувањето на стативот за камерата, при што нема сталожено снимање, сцените добиваат дополнителна драматичност и реалистичност. Од друга страна, пак, музиката е компонирана во духот на африканскиот традиционален ритам и е клучна во процесот на изградба на топлиот амбиент. 

„Лазаровиот ефект“ се јавува како вистинско чудо од филм кој успева да го заобиколи и одбегне стереотипниот заплет кога главна тема е СИДА. А со тоа и да стане реализација на водечката идејата на режисерот – луѓето сами со свои зборови да си ја раскажат приказната, ништо повеќе, ништо помалку.

Евгенија Арсова

3,5/5

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.