Една година по „Грипот на Петров“, еден од најдинамичните руски режисерски гласови на денешницата, Кирил Серебреников, прави тематско скршнување со историската драма „Сопругата на Чајковски“. Инаку долгогодишен миленик на eвропската кинематографија, оваа фестивалска сезона тој се ребрендира како „руската совест“ на Западот. Тој секогаш и доаѓал во пакет со неговите политички гледишта и пркосења на режимот, но овој пат неговата неспорна рускост и малиот интерес за руски тематики фрлија сенка на овој филм кој е неговиот најмрачен и најбогат до сега.

„Сопругата на Чајковски“ е филм за жена сведена на несреќна фуснота, а за која милост би било историјата целосно да ја заборави. Антонина Ивановна Милјукова (Алиона Михајлова) е само девојка кога се заљубува и хиперфиксира на потајно геј композиторот Петар Илич Чајковски (Один Лунд Бајрон), покрај кој што избледува како неинтелигентна, плитка и проста. Таа животот го проаѓа како неостварена музичарка, вдовица при жив маж, и една од најогрешените сопруги на светски големец.

Како и во „Грипот на Петров“, Серебреников се чини зашеметен од сопствената виртуозност. Филмот е хипнотизирачки, но неговата рамнотежа често е загрозена. Верен на себе, Серебреников го заобиколува филмскиот класицизам и составува епско дело (2ч. и 23мин) во кое интерните визии и кошмарите на ликовите, како и многуте историски хиперболи го нарушуваат реализмот на приказната.

Сепак, „Сопругата на Чајковски“ е трогателен колку што е и трагичен. Деконструкцијата на ликовите, дијалогот и симболиките се на претек, и за малку, не се претерани, а функционираат особено благодарение на квази-анонимната Алиона Михаилова чиј настап е благодат и мастерклас. Нејзината интепретација е свлечиште и носи сè со себе. Таа е метафора за вековното своеволно ропство и посветеност на еден цел народ пред голема моќ, колку и да е таа моќ варварска. Тешко е да се седи во кино фотелја и да се сведочат такви прозивања и порази, но кој се осмелува да тргне поглед кога Серебреников режира?
Севдалина Дамевска