Стравот е колективно искуство

...„два документарни филмови на млади автори од Северна Македонија и Хрватска, кои намерно одбрале да ја свртат камерата кон траумите, стравот и прашањето „што по нив?“.“

Додека ги гледав балканските филмови на годинешното издание на Сараевскиот филмски фестивал, често забележував како стравот (една од петте основни емоции) имплицитно ги „бои“ наративите. Имајќи предвид дека во нашиот регион интергенерациските трауми се свежи, а социо-политичката нестабилност е реалност на која сме целосно навикнати, постојаното присуство на стравот како невидлива позадина на филмското платно не ме изненади. Во нашата културна матрица длабоко е втиснато убедувањето дека за стравот и трауматичните искуства кои понекогаш ги носи не се зборува во јавност, а нивното влијание врз секојдневниот живот ќе биде побрзо разрешено ако само „стиснете заби“. Како одличен исклучок од овие норми, денес издвојувам два документарни филмови на млади автори од Северна Македонија и Хрватска, кои намерно одбрале да ја свртат камерата кон траумите, стравот и прашањето „што по нив?“. 

Во „Повлекување“ (кој светската премиера ја имаше на Берлинале годинава), режисерката и сценаристка Анабела Ангеловска паралелно обработува 2 комплексни теми за кои во домашната кинематографија (а и генерално, во нашето општество) недостасува свесност и дискусија: пост-трауматското стресно нарушување како речиси неизбежна последица врз печалбарите во воени подрачја и ужасните ефекти кои глобализацијата ги има врз малите места. Во оваа документарна студија на случај, Ангеловска го користи Куманово како централна нишка околу која се испреплетуваат судбините на десетина граѓани (и нивните семејства) кои работеле и по 14 часа во Авганистан и Ирак, за потоа платите да ги инвестираат во нови бизнис идеи, скапи автомобили и луксузни, но најчесто празни куќи (од локалците наречени според државата во која парите биле заработени, на пр. Ирачанка, Авганистанка).

Есеистичкиот пристап гради широка слика за ефектот кој индивидуалните одлуки за потрага по подобро утре го имаат врз најблиските и родниот град, а можноста за флешбек на прогонувачките сеќавања и мрачните сцени кои ги доживеале некои од протагонистите постојано лебди во воздухот. Сепак, како што социјалните норми тоа го налагаат, проблемите со менталното здравје по работата во воени зони, кои се очекувани и многу нормални, протагонистите ретко ги нарекуваат со вистинското име и почесто одбираат да кружат околу темата со двосмислени описи кои ја намалуваат нивната тежина. Ангеловска мудро одбира да ја „преврти“ сликата и да ги прикаже работите онакви какви што се, без „шминкање“ на реалноста. 

Режисерот и сценарист Анте Златко Столица во „Бабајања“ (кој премиерно беше прикажан на фестивалот во Сараево, а веднаш потоа на МакеДокс беше награден во краткометражната категорија) користи контрастен пристап во потрагата по жената која ги прогонувала неговите соништа додека бил мал. Тргнувајќи од сопственото искуство, и мешајќи фиктивни сцени од минатото и реални настани од денешницата, Столица се обидува да разбере зошто бабата Јања била „страшилото за мали деца“ во неговото семејство. Причината е навидум едноставна – таа се разликувала од останатите, на кои им било тешко да комуницираат со неа, па постепено била сосема исклучена од локалната заедница и добила статус на хорор симбол со кој малите деца се заплашуваат за да бидат умни.

„Бабајања“ лесно би можел да премине во социјален доку-хорор, но топлината во раскажувањето на Столица, визуелната поетика (дело на Катарина Златец) и суптилниот хумор му додаваат длабочина на филмот. На крај, ваквата комбинација од режисерски одлуки го олеснува „варењето“ на сознанието дека голем дел од детските трауми за „лошиот чичко/тетка“ може да се едноставно производ на дискриминација и интернализиран страв од различното од нас. 

Јована Ѓорѓиовска

Have your say