Што ќе се случи ако сите почнат да пеат и танцуваат на улица, пркосејќи на тмурно и безнадежно секојдневие? Тоа е филмот „Paraíso“, или во превод, рај. Најновиот документарец на бразилецот Сержио Трефаут кој се фокусира на група пензионери. Тие редовно се среќаваат во познат парк во Бразил за да пеат и танцуваат. Не е важно дали некој знае да пее и да свири, кој е и од каде доаѓа или, пак, каков живот водел. Важно е да се биде среќен и да се ужива во животот.

Музиката е пулсот на овој филм. Прикажани се 30-тина перформанси на различни протагонисти кои со страст пеат разни Бразилски класици: Iracema, Dez Anos, Devolvi, Não deixe o samba morrer, итн. Музиката не е никогаш надворешна, туку секогаш извира од протагонистите, покажувајќи колку живост може да дојде и од најкревките луѓе. Оние кои се заборавени од општеството, кои едвај одат и стојат, кои се осамени и кои го имаат поминато поголемиот дел од својот пат.

Долгите кадри влегуваат зад очите на протагонистите и ја доловуваат нивната ведрина и страста за животот. А заедно со сцените од спокојната природа во позадина, филмот е вид антидепресив. Па така тој размрдува и некои површни сфаќања вкоренети во нашиот колективен ум. На пример дека среќата е резервирана за младите или дека староста треба да се помине во тага и осаменост. За разлика од ваквите стереотипи, „Paraíso“ покажува дека секој може одново да се создаде, да ги тргне грижите на страна и да го живее своето најавтентично јас. Таму душата е најважна, а нејзин лек и поткрепа се музиката, чувства, експресија, споделување на стварноста со другиот.

Но Трефаут не прикажува целосно наивна слика за оваа стварност. Од време на време се оттргнува од маѓепсничките музички сцени во паркот и ја пресекува возбудата со контрасни епизоди – сиви метро станици, празни домови и улици, отуѓени и немоќни старци вперени во телевизори. Преку овие сцени, режисерот ја пресекува идиличноста со една постудена реалност. Истото се случува и на крајот од филмот во кој се кажува дека пандемијата ги прекинала средбите, а и дека некои од овие весели распеани луѓе ги загубиле своите животи.

Како секој добар документарист, Тефаут ништо агресивно не сугерира со контрасните сцени и со филмот општо, туку остава огромен простор за интерпретација. Па така „Paraíso“ може да се гледа како критика на отуѓениот модерен човек, носталгичен поглед кон „старите добри времиња“, љубовно писмо кон животот, воспевање на Бразилската култура или, пак, сé заедно. Но, тој не ни мора да се толкува ни да биде извор за некоја морална порака. Може само да се ужива, како прошетка во природа или медитација.
Филипа Сара Попова