Мајчинството е тема што често се провлекува и во светската и во домашната кинематографија. Неможноста да се имаат деца, значењето на улогата на мајката и различните типови мајки – многу филмски дејци се обиделе да ги претстават овие проблематики, а најсвежиот таков домашен обид е оној на режисерот Даријан Пејовски, со наслов „Мими“. Барем така се чини на прв поглед. Ако се ѕирне под површината на оваа психолошка драма, ќе излезе дека мајчинството не е нејзината централна нишка, туку лажната реалност, скриените намери и изместените морални вредности.

Почетокот е прилично драматичен и веднаш ја заскокоткува љубопитноста со бруталната естетика на бања во распаѓање, крупните кадри од лузна на голо тело и фиктивно породување. Така гледачите ја запознаваат Мими (Наталија Теодосиева), девојка од мало место која доаѓа во Скопје за да студира, но и за да побегне од болното минато. Покрај повремената дружба со различни сексуални партнери (Владимир Петровиќ, Стефан Спасов, Дениз Абдула), контактот со газдата на станот во којшто живее (Сашко Коцев) и работата во продавницата на вујко ѝ (Петар Мирчевски), протагонистката води прилично осаменички живот сè додека не се сретне со Сара (Тамара Ристоска). Сара е сè што Мими не е – екстровертна, забавна, урбана и, најважно од сè, мајка. Живее луксузно, благодарение на својот богат, повозрасен сопруг (Оливер Митковски) и, навидум, нејзиниот живот е совршен.

Не треба многу за Мими да развие опсесија кон својата нова најдобра пријателка и да посака да биде како неа. Секогаш на граница помеѓу восхит и презир, нивниот однос се заплеткува во моментот кога Сара ќе ја вработи Мими како бебиситерка. Како што тече дејството така се засилува трансформацијата на врските меѓу ликовите, а постепено се обелоденуваат и нивните вистински лица и намери. Кога на сето тоа ќе се додаде и имагинарна бременост, семејно насилство и киднапирање, се добива динамично филмско дело што воопшто не е здодевно. Сепак, како да недостига нешто во оваа прилично „набиена“ приказна со брз и ненадеен развој на карактерите. Некои нивни постапки не се доволно разјаснети и се добива впечаток дека режисерот сакал да прикаже многу работи, но се обидел да ги спакува сите идеи во последните десетина минути. Надворешната трансформација на главниот лик е видлива уште во првата половина на филмот, а внатрешната промена на Мими само наѕира, без да кулминира. Покрај тоа, познавачите на седмата уметност лесно ќе ја забележат мешавината од туѓи влијанија што придонеле за создавањето на „Мими“ – како ќе биде тоа перципирано, зависи од личниот вкус.

Во главната улога, Наталија Теодосиева вешто ја отелотворува опскурната Мими, чиј водечки мотив е да основа свое мало, типично среќно семејство, но природата ѝ го попречува патот. Тамара Ристоска, пак, е прилично уверлива во улогата на користољубивата Сара која успева да си обезбеди пристоен живот благодарение на способноста за манипулација. И двата лика се „оштетени“ на свој начин, па и односот што го градат е во најмала рака необичен, но Наталија и Тамара одлично владеат со динамиката на нивната врска на филмското платно.
Речиси сите сцени се надополнети со атмосферските оригинални композиции на Александар Пејовски, кои придонесуваат за зголемување на тензијата и ја засилуваат емоцијата во клучните мигови. На тоа убаво се надоврзуваат и кадрите од срцето на Скопје, подводните и помрачните сегменти, кои се одликуваат со голема умешност и импресивна визуелна естетика – заслуга на кинематограферот Дејан Димески.

Земајќи го сето ова предвид, „Мими“ веројатно ќе им се допадне на обожавателите на овој жанр, бидејќи го следи „непогрешливиот“ холивудски рецепт за психолошка драма, зачинет со состојки од естетиката на европската кинематографија. Мистерија, проблематични ликови и јаз помеѓу илузијата и реалноста – карактеристики што полнат киносали, но најчесто брзо избледуваат од сеќавањето. Дури и „Мими“ да не добие десетка за оригиналноста од гледачите што претпочитаат пионерски филмски потфати, несомнено е дека станува збор за солидно сработено дело, и од уметнички и од продукциски аспект.
Марија Лукаревска