При крајот на 1980-тите, иако малку срамежливо, Холивуд веќе е спремен да се соочи со епидемијата на СИДА. Еден од најзапамтените гласови на ова време е американскиот режисер Норман Рене и неговото потресно, но суптилно авторско перо.
„Долгогодишен придружник“ следи група геј мажи низ раните години на кризата со СИДА, еден ден годишно, почнувајќи од денот кога Њујорк Тајмс за прв пат ја објавува приказната за некаков „геј рак“. Насловот на филмот доаѓа од еуфемизмот кој го користат во тоа време весниците за партнерите на починатите, а за кој во 1990-та Роџер Еберт ќе каже дека „во ерата на СИДА-та, тие (новините) конечно ќе признаат дека хомосексуалницте ниту живеат, ниту умираат сами.“

Станува збор за микс од лични трагедии и колективна драма, но и слика на тогашната Америка која денес упростено ја нарекуваме „Реганова“, несфаќајки ја тежината на тие зборови. Овој филм е живо сведоштво на една цела генерација и приказна за нивното политичко стажирање: како мажите стануваат активисти, а како болеста, извор на страдање и несреќа, станува движечка сила. „Долгогодишен придружник“ е фреска на влијанието на еден натпис во весник и болеста што децении потоа сè уште менува животи.

Нешто што паѓа во очи при гледање на овој филм во 2022 е дека во оваа менлива и нестабилна политичка клима и култура, ретко може да се наиде на филм кој старее толку добро како „Долгогодишен придружник“. Не треба многу за да се дијагностицира зошто е тоа така. Филмот е едноставно исцениран, непретенциозно напишан и трезвено изведен. Рене, кој самиот е ХИВ-позитивен за време на снимањето, и писателот Крег Лукас не потпаѓаат под искушението да направат мелодрама за терминална болест каква што често се прави. Наместо тоа, тие се потпираат на горчливо-слатката храброст на болнички посети, на тивкото збогум на смртната постела, и на хипохондријата на ликови кои се свесни дека можеби умираат, дури и да не го знаат тоа.

Во зависност од тоа како гледачот сака да го гледа, може и да не биде филм за СИДА или за геј заедницата, туку за врските кои ги дефинираат луѓето, пред се соочени со смрт и болест. Во иста мера, на речиси ладен начин „Долгогодишен придружник“ е еден од најтрогателните портрети на пријателството и длабока медитација за избраното семејство.

Тоа што на прв поглед недостасува, или барем на осет е некомплетно, е присуството на политички коментар или порака. Секој пат кога Рене ги допира овие точки, неговиот фокус природно гравитира кон субјективноста и интимноста на искуствата на ликовите. Америка е терциерен лик, а дејството може да се случува каде било. Воглавно и се случува во домови, болнички соби, неименувани плажи. Ова спречува „Долгогодишен придружник“ да биде филм поголем од себеси, припадник на одредено време и место, со комплексна перипетија и експлозивна кулминација. Всушност, филмот завршува уште потивко од тоа што почнува (што е и логично и симболично, земајќи предвид колку смрт ја снаоѓа во тие години геј заедницата). Веројатно така „Долгогодишен придружник“ си го најде своето место во квир кинематографијата: тикво, без многу врева, и сосема природно.
Севдалина Дамевска
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.