2014 година, мало село на границата меѓу Украина и Русија, во кое патриотите и сепаратистите се во отворен конфликт, а сите заедно полека се навикнуваат на постојаните звуци на војната. Бремената Ирка (Оксана Черкашина, актерскиот стожер во филмот) одбива да го напушти својот дом, додека сопругот Толик (Сергеј Шадрин) и братот Јурик (Олег Шчербина) се обидуваат да ја убедат дека идеолошката позиција на другиот е полоша, па Ирка едноставно треба да се „припитоми“ и да послуша.

Иако содржината на „Клондајк“ (напишан, режиран и монтиран од Марина Ер Горбач) лесно се сумира во неколку реченици, филмот е толку комплексно дело, што воопшто не изненадува фактот дека во само 8 месеци од светската премиера веќе освои 16 награди (меѓу кои и наградите за режија на Санденс и филмскиот фестивал во Сараево). Горбач го развива дејствието одмерено и прецизно, без непотребни наративни „лампиони“, а со доза дистанца од своите ликови и нивните животни битки. Ова ѝ овозможува детално да ги анализира сите лица на семејството на Ирка, при што интеракциите помеѓу неа, Толик, Јурик и малкумината споредни ликови што ги среќаваат се истовремено неочекувано театрални и ужасно реалистични.
Режисерката вешто балансира со ретки реплики и уште поретки експлицитни објаснувања за тоа што им се случува на карактерите, одбирајќи да ги прикаже нивните искуства сирово до болка. Повремените апсурдни сцени (најчесто поврзани со Ирка, која на пр. одлучува да брише прашина во штотуку разурната куќа) уште повеќе ја вовлекуваат публиката во вакуумот во кој ова мало семејство постои и со сите напори се обидува нормално да функционира, дури и ако тоа значи трошење струја за телевизорот наместо за греење вода или готвење. Сепак, Ирка и нејзиното семејство не изгледаат како нерационални карактери, релевантни само како синегдоха на конфликтот меѓу Украина и Русија. Напротив, дијаметрално различните начини на кои тие се справуваат со ситуацијата (како што Ирка станува сè полута, така е Јурик позбунет, а Толик поповлечен) ја потцртуваат човечноста на која Горбач свесно ја насочува камерата.

Долгите кадри (заслуга на директорот на фотографија Свјатослав Булаковскиј) најчесто се фокусираат на централна точка на хоризонтот, околу која (пред и зад камерата) се движат актерите, така создавајќи слоевито визуелно искуство кое постојано си „игра“ со очекувањата на гледачите и максимално го користи филмското платно. Некогаш клаустрофобично тесно, а некогаш широко до каде што гледа окото, кадрирањето на Булаковскиј истовремено успева да ги прикаже Ирка, Јурик и Толик и како помали од војната која беснее на нивниот праг, и како поголеми од проблемите со кои храбро се соочуваат. Во последната сцена од филмот, камерата е прозорец кон бруталноста која неочекувано ескалира, а само Ирка издржува до крај.
Јована Ѓорѓиовска