Женска еманципација преку правење ајвар

„Блерта Башоли за среќа не ја компромитира женската перспектива - одлучноста и напорот коишто Фахрије ги прикажува се секогаш во прв план во сите 84 минути од филмот.“

Кон „Улиште“ во режија и сценарио на Блерта Башоли, кинематографија на Алекс Блум

Како последица од војната во Косово после повеќе од 20 години од крајот на ужасниот конфликт, околу 1650 луѓе сè уште се сметаат за исчезнати, а 300 тела не можат да бидат идентификувани. Траумата која населението сè уште ја носи на грб нема набргу да исчезне, но процесот на закрепнување започнал токму кај оние кои останале сами да се грижат за растргнатите домаќинства – жените. Првиот долгометражен филм на режисерката Блерта Башоли (како и првиот косовски филм кој влезе во оскаровската трка за номинацијата – филм од неанглиско говорно подрачје) се фокусира на една вистинска, приморана трансформација на домаќинка во глава на семејството која пркоси на сите правила „запечатени“ во косовскиот патријархат – преку навидум невиниот акт на правење ајвар.

Фахрије (Јилка Гаши, најсилната алка на филмот чија изведба е ненаметливо моќна) се наоѓа во многу незавидна позиција. Таа ја дели семејната куќа со свекорот кој е инвалид, се грижи за домаќинството, децата и волонтира во женски центар, но нема никакви приходи откако сопругот е прогласен за исчезнат (нешто што ги обединува скоро сите жени во малото место на живеење). Нејзиниот проблем не е воопшто едноставен – од неа не се очекува да заработува (таа сепак е практично вдовица), ниту пак да вози, затоа што тоа е машка работа, но пари за живот нема. Малите приходи кои свекорот ги носи од продавање мед од домашните пчели кои ги одгледуваат не се доволни за покривање на основните потреби, а опцијата Фахрије формално да се вработи практично не постои поради изразената нееднаквост помеѓу мажите и жените. 

Тука започнува борбата на Фахрије за подобра иднина не само за себе, туку и за сите жени околу неа. Приказната можеби е стара колку и модерното време – жена успева да се пробие во машки свет преку сите препреки кои ѝ ги поставува општеството, па е до некаде лесно да се критикува „неоригиналноста“ на сценариото од тематски аспект. Блерта Башоли за среќа не ја компромитира женската перспектива – одлучноста и напорот коишто Фахрије ги прикажува се секогаш во прв план во сите 84 минути од филмот. Таа, и покрај омаловажувањето и навредите кои секојдневно ги добива, ефикасно ги мобилизира жените во формација која макотрпно прави ајвар со цел да се пласира во супермаркет за продажба. Сцените кои се фокусираат токму на тој процес зрачат со топлина и чувства на обединетост, па успешно се избегнуваат „ефтините“ трикови на форсирана емпатија кон трагедијата која ги сплотила. 

Сивата и монотона палета на филмот е несомнено дизајнирана да ја засили атмосферата на „дистопија“ во која живее Косовското население, но силниот контраст со црвените пиперки кои жените деноноќно ги лупат како да има друга порака – крв, пот, солзи, успех. Бавното темпо кои некои можеби ќе го интерпретираат како недостиг на одлучна режисерска палка е спротивното – реалистична, можеби дури и  класична студија на карактер кој инспирира едно скршено општество кон суштинска промена.

Петра Бранковска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Europe House Skopje