„Енканто“ („волшебство“ на шпански) е јубилеjниот 60-ти анимиран филм на „Дизни“. Станува збор за мјузикл-комедија кој ја следи приказната на Мирабел Мадригал (Стефани Беатриз), единственото нормално дете родено во семејство во кое сите членови имаат некаква супермоќ со која придонесуваат за развитокот на нивното мало село скриено во планините на Колумбија. Како и сите фамилии, така и оваа располага со повеќе карактери од тоа што може да поднесе една трпезариска маса. Дури и една волшебна трпезариска маса која сама се мести. Мирабел открива дека семејната куќа и нејзините членови полека ја губат својата магија и дека таа е единствената која може да го спречи ова.
Станува збор за компјутерска анимација каква што до сега не била возможна, а е комбинација од хиперреалистични детали (од везови на фустани, до кори на сирење и влакненца на раце што човек на себе не би ги забележал) и класичните елементи со кои цртаните и досега везеле светови кои функционираат по правилата на магичен реализам.

Кога излезе при крај на 2021 година, „Енканто“ настапи скромно во светските кина и не привлече премногу внимание. Сега, никој не може да престане да зборува за овој филм, особено откако оригиналната музика почна да ги руши рекордите на „Снежно Кралство“, т.е. најлукративниот филм во историјата на „Дизни“. Музиката е театрална и автентично латиноамериканска, а песните се микс од поп, гломазни мјузикл нумери, хип хоп и регетон. Во рацете на кого било освен композиторот Лин-Мануел Миранда (најпознат по „Хамилтон“), овој спој ќе беше само хаотичен и жанровите ќе се изедеа меѓу себе.

Сепак постои една дискрепанца помеѓу намерата на „Дизни“ и реалното доживување на филмот. Не може да се спори способноста на Миранда да направи мјузикл кој е жанровски смел, ритмички комплексен и создава субјективно чувство на синестезија кај гледачот. Сепак, неговиот стил бара „варење“ и најчесто проаѓа подобро со публика која е повозрасна од таргет групата на еден детски цртан. А и самата приказна бара гледачот да е сензибилизиран околу теми како генерациска траума, проблематични фамилијарни динамики и колонијализам. Затоа филмот не успеа да остави силен впечаток кај најдоходовната возрасна група на продукциската куќа и стави секакви идни проекти под знак прашалник.

Се уште е нејасно коj ќе биде културолошкиот печат на „Енканто“, како и неговото место во портфолиото на „Дизни“. Едно нешто е неспорно, а тоа е дека со овој филм тие докажаа дека после познатото лого со замокот и возот сѐ уште може да се очекува оригинално и трогателно дело, квалитативно рамно на класиците кои го направија „Дизни“ тоа што е денес.
Севдалина Дамевска