Постојат околности кои го оправдуваат криминалот, па дури и го прикажуваат како чин на отпор и ослободување. Тоа се околностите кои Јоана Пимента и Адирли Квеирос ги нудат во „Сува земја гори“.
Дејството на филмот се одвива во Сол Насенте, една од најголемите фавели во Латинска Америка и ги следи Леа (Леа Алвес да Силва) и Читара (Јоана Дарк Фуртадо), полусестри кои се влезени во нелегална трговија со бензин. Нивната женска банда сифонира нафта и ја продава директно на моторџиските работници на Сол Насенте, кои служат и како заштита од полициските единици кои тероризираат маргинализирани заедници во Бразил.

„Сува земја гори“ меша многу жанрови и влијанија, но главно е хибрид на документаристика и драма. Нарацијата е нелинеарна, а голем дел од дејството е прераскажано преку интервјуа од документарен тип. Актерите се непрофесионални и ги градат ликовите околу своите лични животни приказни. Дури и снимањето било приспособено околу излегувањето на Леа да Силва од затвор. Тоа што приказната се развива околу динамиката што ја наметнуваат самите глумици додава автентичност, но го остава филмот без усогласен и карактеристичен режисерски глас, и со малку заморно темпо и времетраење. Но, затоа пак камерата е катализатор на органски сцени и им го овозможува на сестрите просторот кој им е потребен.

„Сува земја гори“ не е сосема успешен во својот обид да биде високо симболичен и надреалистички филм. Некои од централните тематики, како женскиот отпор, маргинализацијата и милитаристичкиот режим на Болсонаро се чинат недоистражени. Сепак, филмот ефикасно го раздразнува критичкиот и емотивен капацитет на гледачот. Со неверојатна тонска визија, режисерите Пимента и Квеирос ги задушуваат гледачите во тмурната реалност што ја живее растечката ниска класа на Бразил. Прво го нормализираат расипаното во Бразил, а потоа го спалуваат, предивикувајќи сè што до тогаш на некој начин нормализирале. На крај, гледачот е оставен со едно едноставно и познато чувство-страв кое не зависи толку ни од квалитетите, ни од пропустите на филмот. Што ако и тоа што ќе изникне од пепелта е исто толку гнило?
Севдалина Дамевска