„Злосторства на иднината“: Дистопија во која касапењето е уметност, а хирургијата е новиот секс

...„богато со суптилна иронија, паметен црн хумор, скриени метафори и силен аудиовизуелен печат.“

Филм што ќе предизвика гадење, вресоци, нагони на повраќање и напуштање на киносалите – вака гласеа ветувањата за „Злосторства на иднината“, најновото остварување на Дејвид Кроненберг, премиерно прикажано на Канскиот филмски фестивал. Обожавателите на овој жанр со нетрпение го очекуваа големото враќање на мајсторот за телесен хорор, чие последно научнофантастично дело „Егзистенција“ (eXistenZ) се случи дури во 1999. Очекувањата беа големи, но уште поголема беше љубопитноста да се дознае дали Кроненберг ќе поентира или потфрли со неговата дистописка визија за иднината?

Иако го носи истиот наслов како и неговиот филм од 1970 година, веднаш беше нагласено дека не станува збор за римејк и приказните се комплетно неповрзани. Почитувачите на ликот и делото на режисерот на култните „Мува“, „Паразити убијци“ „Видеодром“ и „Гол ручек“, секако, ќе пронајдат многу сличности меѓу „Злосторства на иднината“ и неговите претходни филмски остварувања, но да се задржиме на свежите идеи и концепти.

Иднината на Кроненберг е бизарна, валкана, лишена од болка и традиционални сфаќања за уметноста и сексот. Биотехнологијата е толку напредната што разни машини директно ги контролираат телесните функции. И човечкиот вид се приспособува на промените, па повеќе не постојат инфекции и болести, што им овозможува на луѓето да изведуваат хируршки операции во секојдневни услови и да живеат во комплетна нечистотија и безредие. Човечката еволуција оди дотаму што дел од популацијата доживува целосна промена на органскиот систем. 

Централните ликови во оваа дистопија се Саул Тенсер (Виго Мортенсен) и Каприс (Леа Сејду), признати „уметници“, барем според начелата на Кроненберговиот свет. „Талентот“ на Саул е да развива нови, дотогаш невидени органи, а улогата на Каприс е да му ги отстранува тие „тумори“ од телото со операција и да ги тетовира во живо пред публика. Живеат изолирано и повлечено, но нивниот круг се проширува кога ги регистрираат новооткриените органи во бирото за национална регистрација на органи. Таму ги запознаваат несмасните бирократи и истражувачи Випит (Дон МекКелар) и Тимли (Кристен Стјуарт), кои имаат цел да ја стават под контрола непредвидливата човечка еволуција и со тоа да го спречат развојот на луѓето во нешто монструозно и нечовечно. 

Заплетот се случува кога на Саул ќе му пристапи Ланг (Скот Спидман), лидерот на тајна организација на радикалисти кои самите си го измениле дигестивниот систем, за да можат да консумираат и разградуваат пластика. Необична замисла што некои гледачи ќе ја сфатат како обид за постигнување шок-ефект. Но оние што „читаат меѓу редови“, несомнено може да ја протолкуваат како еколошка кауза чија цел е да укаже на последиците од алармантното загадување на планетата.

Речиси и да не постои класичен развој и расплет на дејството. Всушност, тоа се состои од низа идеи и слики што само ги воведуваат гледачите во потенцијалните идни ужаси и им даваат мал увид во предвидувањата на Кроненберг, поткрепени со впечатливи визуелни решенија во кои доминираат придушени, земјени и непривлечни бои. Тука се и чудовиштните дизајни, како што е биомеханичкиот кревет со рецептори за болка или гротескниот стол на Саул кој ротира и се поместува за да му го олесни јадењето. Музиката е морничаво бајковита, па умешно ја вовлекува публиката во овој свет и совршено ја доловува непријатната, но загадочна атмосфера. 

Ликовите се еднакво чудни и мистериозни, а режисерот ја одбрал вистинската актерска екипа за да ги отслика веродостојно. Виго Мортенсен брилира во улогата на Саул, иако не бил првиот избор за неа (па дури ни вториот, туку тоа биле Николас Кејџ и Ралф Фајнс). Тој вешто го отелотворува измачениот уметник и неговата болка која секогаш е на раб на задоволство, и физички и емоционално. Леа Сејду покажува голема цврстина и решителност како неговата противтежа и партнерка, уметницата Каприс. И Кристен Стјуарт има неколку блескави мигови како нервозната Тимлин која не може да ја сокрие својата фасцинација од Саул и ја изјавува клучната фраза во филмот која сигурно долго ќе се памети: „хирургијата е новиот секс“. 

Иако чувствата за „Злосторства на иднината“ се измешани, не може да се негира дека ова филмско остварување е богато со суптилна иронија, паметен црн хумор, скриени метафори и силен аудиовизуелен печат. Дури и да не ги исполни очекувањата на многумина, несомнено ќе им отвори бројни прашања за потенцијалната иднина, барем на оние што ќе се обидат да го прочитаат Кроненберг меѓу редови. 

Марија Лукаревска