Дали имаше потреба од уште еден „Бетмен“?

...„возбудлив, интересен и отскокнува од каталогот монотони суперхеројски филмови.“

Разговараат Лина Дамевска и Јаков Наумоски.

Л: „Бетмен“ (само „Бетмен“ овој пат) е најновата адаптација на еден од најпрепознатливите ликови кои некогаш произлегле од стрип, и обележје на милиони детства. Под режисерската палка на Мет Ривс, овој пат станува збор за мрачен, напатен и хипер-сериозен Бетмен (Роберт Патинсон), чиј Брус Вејн е исто толку сериозен и меланхоличен, да не се рече „емо“. Овој тричасовен филм ги следи неговите први години како суперхерој, соочен со заканата на Ридлер (Пол Дејно), сериски убиец кој стратешки остава траги зад себе. Неколку недели по излегувањето во кино сали, „Бетмен“ веќе е еден од најкомерцијално успешните филмови во пост-Ковид ерата. Но како беше да се биде во таа кино сала? Имаше ли потреба, воопшто?

Ј: Се разбира, очекувањата од „Бетмен“ секогаш се големи, особено по трилогијата на Нолан. Уште пред да излезе филмот се гледаше дека Готам и Бетмен ќе бидат погодени и како вистински омаж на стриповите. Но, еден клучен елемент беше запоставен од Мет Ривс и неговата екипа, а тоа е Брус Вејн како лик. Не недостасуваше неговото „плејбој богаташ“ алтер его како такво, напротив, но недостасуваше чувство за неговиот однос кон светот и луѓето околу него. Брус во оваа адаптација нема никој покрај себе, освен Алфред. Овој однос, пак, кој е во душата на некои од најдобрите адаптации до сега, тука е ладен и далечен. Отсутноста на Брус и неговиот нихилизам се свесен избор од страна на Ривс и Патинсон, ама таа поента не се „залепи“ во рамките на оваа приказна. Филмот се претставува како истражување на психата на Бетмен, но тоа го прави само периферно додека Бетмен, заедно со Гордон и Селина, талка од една трага на Ридлер до друга. Предизвиците и загубите со кои Брус лично се соочува не беа доволно големи или значајни, па така и неговиот раст како лик беше млак.

Л: „Млак“ е соодветен збор, да. Тој раст е доловен преку два, премногу очигледни и малку тромави монолози – еден на почеток и еден на крај. За режисер со толку голем визуелен сензибилитет, Мет Ривс потфрла како сценарист и заборава дека првото правило е:„Не кажувај, покажи“. За мене, проблемот не лежи во тоа што Брус не успева да разграничи кој е самиот тој, а кој е Бетмен. Тоа е интересен осврт кој прави смисла во контекстот. Но, Брус/Бетмен како лик не е само склоп на човечки карактеристики, туку и амбиент – звукот на неговиот од, неговиот поглед и тонот на неговиот глас. Патинсон, еден од ретките глумци кои успеваат да создадат толку опиплива атмосфера околу своите ликови, е веројатно најдобриот избор кој Ривс го направи со овој филм. 

Ј: Според мене, иако Патинсон е одличен за улогата која му е дадена, најголемите квалитети на филмот се во споредните ликови. Енди Серкис беше одличен Алфред, но за жал, неговиот лик беше сведен на не повеќе од фуснота. Пол Дано, Колин Фарел и Џон Тортуро сјаат како негативците во приказната, додека Зое Кравиц и Џефри Рајт носат посебна харизма како сојузници на Бетмен. Секој од нив совршено припаѓа во овој мрачен свет – како да скокнале директно од страниците на стриповите. 

Л: Токму така, но проблемот почнува кога еден филм има повеќе негативци од тоа што може да поднесе. Сите се фантастични, но ниту еден нема време да биде развиен. Во три часа, Ривс успева да направи филм кој во исто време е неподносливо долг и премногу краток за сѐ што сака да вметне. Гордон е малку здодевен, а Селина, фам фатал ликот на Зои Кравиц, многу очигледно служи само за окото на гледачот да има нешто убаво да гледа во тричасовен филм во кој што сè, ама баш сè, е гнасно, извртено и грдо. Да се гледа овој филм во кино сала е одлично искуство – ликовите, мистеријата, и особено самиот Готам, хипнотизираат. Но се прашувам дали овој филм успева да остави емотивна трага кај повеќето гледачи.

Ј: Од досегашните информации, реакциите кај гледачите се генерално позитивни – но за вистинска емотивна трага ќе треба да се чека продолжението. Сè на сè, светот кој Мет Ривс го креираше за овој Бетмен е возбудлив, интересен и отскокнува од каталогот монотони суперхеројски филмови. Во техничкиот оддел, од камера, до музика, до аудиовизуелни ефекти – сите си ја завршиле работата, а самата приказна е интересна и ритамот на филмот е конзистентен. Да се надеваме дека продолжението ќе донесе подлабок и поемотивен наратив за својот главен лик.

Have your say