Можеби ви е позната приказната за гудачкиот квартет на „Титаник“ кој продолжил да свири додека бродот тонел. Авторот Ренди Шилтс ја користи оваа анегдота како инспирација за насловот на неговата книга „А музиката продолжи да свири: Политиката, луѓето и епидемијата на СИДА“ (And the Band Played On: Politics, People and the AIDS Epidemic) од 1987 година, која ја следи појавата и ширењето на вирусот ХИВ, со посебна критика на покажаната рамнодушност од страна на властите. Како што и самиот изјавил по нејзиното објавување, тој алудирал на многуте институции и заедници кои наместо да ја третираат кризата како приоритет, продолжиле да си „ја тераат работата како вообичаено“.

Во 1993 година, токму од оваа книга произлегува филмот „А музиката продолжи да свири“ (And the Band Played On) во режија на Роџер Спотисвуд и по сценарио на Арнолд Шулман. Филмот постигнува одличен успех и се закитува со бројни номинации и признанија, меѓу кои и со престижната награда „Еми“ за најдобра телевизиска драма. Иако има свои недостатоци, станува збор за филмско дело што е темелно, прецизно и јасно обработено, па може да се каже дека претставува своевиден учебник за откривањето на вирусот ХИВ и СИДА-та, како и за политичката клима во која се случува епидемијата.

Дејството почнува прилично драматично и уште во првите мигови прави паралела помеѓу епидемијата на ебола во Африка и новата непозната „геј-чума“, преку искуствата на епидемиологот Дон Франсис (Метју Модин). Тој станува еден од главните истражувачи на ХИВ/СИДА во Центарот за контрола и превенција на болести и не се откажува од целта до самиот крај, и покрај тоа што е принуден да работи во ужасни услови, со застарена опрема и со минимални средства. Заедно со него на првите борбени линии се докторите Мери Гинан (Глен Хедли), Вилијам Дароу (Ричард Масур), Селма Дриз (Лили Томлин) и Џејмс Куран (Саул Рубинек) – секој од нив дава свој придонес во разоткривањето на мистериозниот вирус. Па така, смртоносната болест е прикажана низ призмата на медицинската фела, наместо низ призмата на заболените, што дава еден пообјективен поглед кон целата ситуација. Сепак, не се изоставени ниту приказните на жртвите, кои повеќе се појавуваат како епизодни ликови, што не значи дека се помалку впечатливи. Иан Меккелен убедливо го игра ликот Бил Краус, активист за правата на геј-заедницата, а и Ричард Гир во улогата на познат кореограф остава силен печат со суптилната глума во сцените полни симболизам. Режисерот не застанува тука со „расфрлањето“ со познати имиња, па свои куси настапи имаат и Стив Мартин, Анжелика Хјустон и Фил Колинс. За некого ќе биде оправдан, за некого претенциозен – во секој случај, несомнено е дека кастингот добро функционира таков каков што е.

Филмот има документаристички пристап и изобилува со историски факти, бројки, податоци и архивски снимки, што можеби ќе им пречи на оние што не сакаат прекини во дејството. Но благодарение на овој формат, Спотисвуд успева веродостојно да прикаже повеќе важни проблеми во тој период, популарно познат како Реганова Америка. Дел од нив се игнорирањето на опасната болест од страна на државните власти, кои не сакаат да издвојат доволно средства за истражувања; првичното одбивање на геј-заедницата да се соочи со вистината и да го прифати затворањето на озлогласените геј-бањи, каде што докажано најмногу се шири вирусот; прикривањето на сознанието дека ХИВ се пренесува преку трансфузија на крв, со што се загрозуваат животите на илјадници редовни приматели на донирана крв, како што се пациентите со хемофилија; ривалството помеѓу научниците од различни држави кои гледаат како да профитираат од здравствената криза, наместо како да спасат што повеќе животи.

Иако отсуствуваат типичните емотивни сцени кои ги прикажуваат последните мигови од животот на заболените од СИДА, токму тоа го лишува ова филмско дело од непотребна патетика. „А музиката продолжи да свири“ е конкретен и едукативен и не му треба дополнителна драма – таа се содржи токму во реалистичниот приказ на оваа значајна тема што нема и не треба да ја изгуби својата актуелност, без разлика колку пати ќе се зборува за неа.
Марија Лукаревска
*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.