Мајчинството како криза на идентитет

...„искуствата на две бремени жени во лоши животни околности и општествените притисоци кои доаѓаат веднаш по првиот сонограм.“ 

Како се одлучува дали да се биде родител? Чии совети треба да послуша една бремена жена, додека во нејзината матка расте нов живот? И зошто воопшто би слушала некој друг, наместо да ги земе предвид само сопствените потреби и можности? Унгарскиот „Шест недели“ (во режија на Ноеми Вероника Шакони) и украинскиот „Визијата на пеперутката“ (во режија на Максим Наконечни), кои ги гледав на филмскиот фестивал во Сараево, се фокусираат на искуствата на две бремени жени во лоши животни околности и општествените притисоци кои доаѓаат веднаш по првиот сонограм. 

„Шест недели“, кој ја имаше својата светска премиера во Сараево, ја следи тинејџерката Софи (Каталин Роман) во овој краток временски период, законски дефиниран како доволен за една мајка да одлучи дали сопственото чедо ќе го даде на посвојување. За Софи, која сака да стане професионален играч на пинг понг, на почетокот воопшто нема што да се размислува – непланираното дете само би пречело во кариерните планови, а условите за живот кои би му ги пружила би биле далеку од солидни. Нејзината мајка, како најгласен противник на одлуката на Софи, е всушност најнестабилната алка во семејството, па на Софи останува да се грижи за помалата сестричка и одржувањето на домот. Во услови во кои краткотрајната грижа за еден папагал се чини претешка за нејзината мајка, малкуте возрасни со кои се среќава Софи повеќе ги земаат предвид општествените очекувања отколку нејзината и добросостојбата на новороденчето. Тие често нудат разноразни совети дури и кога таа јасно кажува дека не се добредојдени.

Постепено, деновите одминуваат, одлучноста на Софи слабее, а звуците на стакло и керамика кои се кршат во домот како да одекнуваат и од нејзината душа. Камерата постојано ја следи Софи и настаните во нејзиниот микрокосмос, па фацијалната експресивност на Роман и одличното кадрирање на Золтан Девени го приморуваат гледачот да се соочи со тешката дилема, притоа нагласувајќи ја клаустрофобичноста која ја чувствува Софи. 

Еднакво заглавена во сопствениот живот е Лилиа (Рита Бурковска) во „Визијата на пеперутката“, кој премиерно беше прикажан во Кан годинава. За Лилиа, речиси секоја сцена во филмот е нов извор на страдање и несреќа. Откако ќе се врати дома по два месеци заложништво поради својата професионална улога на воениот фронт со Русија, Лилиа дознава дека е бремена од претрпеното силување, но е немоќна да издржи и абортус. Оттука, Наконечни создава долга низа непријатни настани во животот на Лилиа, кои постепено ескалираат во својата мрачност и редовно ја потсетуваат Лилиа на животот во заложништво. На ова болно патување на хероината кон нов идентитет, дури и случајни коментатори на социјалните мрежи имаат нешто да кажат за нејзините одлуки, најчесто без трошка емпатија и грижа за добросостојбата на Лилиа.

Наконечни го користи ликот на Лилиа како епицентар од кој ги истражува различните ставови на повеќе општествени групи, притоа внимавајќи да не ја премине границата помеѓу експлицитно именување на проблемите и непотребна бруталност. Играјќи си со наративните паралели како главно изразно средство, Наконечни истовремено ја анализира и положбата на жените во Украина и начинот на кој конфликтот со Русија влијае врз целото општество. Кревкото ментално здравје на Лилиа и дигиталниот експресионизам со кој тоа се потенцира е сидрото кое му помага на Наконечни да ја затвори приказната во кохерентна, иако дифузирана, целина. 

Јована Ѓорѓиовска