2021 година низ амбиентални филмови

2021 - година на амбиентални филмови.

2021 година од она што јас успеав (а не успеав многу да изгледам) беше година на амбиентални филмови.

Филмското деби на Исланѓанецот Валдимар Јохансон, „Јагне“ (2021) ми e (засега) последниот впечатлив филм за 2021 година. Во оваа хорор-пасторала скоро и да нема реплики. Филмот е визуелно тактилен, опскурен, сугестибилен и неверојатно рефлексивен. Препорака за гледање за сите што сакаат амбиентален филм.

Уште еден амбиентален филм е „Меморија“ (2021) на тајландскиот режисер Апичатпонг Верасетакул. Тој успеа да го разложи времето на такви ситни честички, што дејството (ако воопшто го има) тече онака како што тече здивот на гледачот додека трае филмот. И сето тоа, само поради потрагата на еден нејасен звук.

„Баксузно плескање или откачено порно“ на Раду Жуде (2021) ми остави впечаток затоа што е забавен, но и затоа што е остра и отрезнувачка шлаканица за општествените морализатори. Жуде како да сакаше уште еднаш да ја потврди максимата на неговиот постар јапонски колега Нагиса Ошима, дека „Она што се покажува не е опсцено, туку она што се сокрива“.

Васко Маглешов