2021: Барајќи ја иглата во сеното

Компактна листа од само 5 филмови во една не толку инспиративна година.

2021 е една од тие години кои како да траат предолго, но суштински прекратко. За прв пат во многу години, ентузијазмот за нови филмови како да не беше тука (барем од лична перспектива која за потребите на овој текст ќе ја искористам, иако практикувам да бидам доста објективна во сите мои рецензии). Решив да издвојам неколку филмови во оваа завршна листа кои ги поделив во некакви си „категории“, бидејќи искрено, тешко ми беше да издвојам некоја целовкупна топ листа на најдобри остварувања – колку поради моето разочарување во огромен број филмови кои ги погледнав, толку и поради тоа што не успеав да проследам онолку колку што сакам.

„Најдобар“ филм за 2021

Моќта на кучето

Во режија на Џејн Кампион, сценарио од Џејн Кампион и Томас Савиџ

Спор, тензичен, моќен. Првиот филм на Џејн Кампион после 12 години пауза од режисерската палка е апсолутен триумф (таа ја освои наградата „Сребрена Мечка“ на минатогодишниот филмски фестивал во Венеција, со право). Адаптиран од истоимениот роман на Томас Севиџ кој го обработува страдањето на една сопруга и нејзиниот син од страна на бескрупулозниот девер, филмот е комплексна студија на несовршени и несигурни карактери, нивните најдлабоки тајни и емоционални блокади кои имаат огромни последици.

„Најдобар“ интернационален филм за 2021

Улиште

Во режија и сценарио на Блерта Башоли

Долгометражното првенче на косовската режисерка Блерта Башоли покажува таква зрелост и сигурност што апсолутно ја оправдува наградата „светска кинематографија – драма“ на еден од најпрестижните светски фестивали за независен филм, Санденс. Приказната е инспирирана од вистинска жена чиј сопруг е исчезнат уште од Косовската војна, па мора да научи да преживее сама во едно патријархално општество кое ја исмева поради претприемачкиот дух. Ликот на Фахрије е измачен, истоштен, но полн со истрајност и гордост што ѝ помага да направи огромна промена не само во својот, туку и во животот на сите жени околу неа.

„Најдобар“ независен филм за 2021

Зелениот витез

Во режија и сценарио на Дејвид Ловери

„Зелениот Витез“ е епска фантазија инспирирана од средновековната приказна „Сер Гавејн и зелениот витез“. Клучниот збор е „инспирирана“, затоа што овој длабоко интроспективен и контемплирачки филм е се само нѐ обична авантура. Сер Гавејн кој служи во дворот на кралот Артур, е себичен, обземен со себe, но дарежлив и грижлив. Начинот на којшто Дејвид Ловери го креира патот на јунакот и неговата „преродба“ нема да ги изненади фановите на овој режисер, затоа што филмот изобилува со мистичен симболизам, импресионистички и мистични сцени кои не само што го засилуваат климаксот, туку и го „превртуваат“ секое очекување на гледачот (во најдобра смисла).

„Најдобар“ најочекуван филм за 2021

Дина

Во режија на Денис Виленев и сценарио на Денис Виленев, Џон Спетс и Ерик Рот


„Дина“ е дефинитивно кралот на филмовите во 2021. Одложен од премиерата закажана во 2020, исчекувањето за оваа „неснимлива“ адаптација на истоимените бисери на светската книжевност од Франк Херберт беше скоро неподносливо (било да сте огромен фан како мене или само обичен следач на што сѐ случува во поп културата). Денис Виленев како да го оствари невозможното – неговата „Дина“ има неодоливо споро темпо, а скапоценото време што се потрошило во градење на световите е наградено со една од најдобрите кинематографии во било кое време. Овој гигант трае 155 минути, а секоја од нив целосно се конзумира. Вториот дел како да не може да дојде побрзо.

„Најдобар“ забавен филм за 2021

Човек – пајак: Нема пат до дома

Во режија на Џон Вотс и сценарио на Крис МекКена и Ерик Сомерс

Нема што премногу да се продлабочува во врска со последниот дел од „Човек-пајак“ трилогијата на Марвел. Конзистентни во квалитетот уште од првиот филм, дуото на Џон Вотс и Том Холанд кој го игра јунакот како да внесе свежина во свет кој е доминиран од рушење и уништување. Овој филм може нешто да ги научи сите останати комерцијални филмови во тоа како се спојува добро осмислена приказна, темпо, и поп култура за резултатот да е презабавна ноќ во локалното кино.

Петра Бранковска