2021 година низ призмата на еден филмски лаик

Долга листа препораки од само-дефиниран филмски лаик.

2021 година за мене почна со опсесивно гледање на сите филмови номинирани за Оскар (дури и на кандидатите во „понебитни“ категории), премиерно прикажани во 2020 или 2019 година. Покрај, емотивните драми The Father, Minari, Pieces of a Woman, и мојот личен фаворит, Another Round на Томас Винтерберг, за кои многу се пишуваше, имам чувство дека се потценува приказната на Sound of Metal. Иако се „закити“ со два „оскари“, ретко се спомнува во круговите на филмските љубители.

Риз Ахмед брилираше во улогата Рубен Стоун, тапанар во метал бенд кој полека го губи слухот, а режијата (Дариус Мардер) и монтажата успешно го доловуваат предизвикот со кој се соочува главниот лик. Дело што предизвикува емпатија, зборува за загубата на животната смисла и повторната потрага по неа, за чувството
на безнадежност и зракот светлина што сите упорно чекаме да се појави на крајот од тунелот, а тој којзнае кога и дали ќе блесне…

Од досега изгледаните филмски остварувања што се баш „тазе“ го издвојувам The Hand of God (достапен на Нетфликс). Почитувачите на ликот и делото на Паоло Сорентино несомнено ќе уживаат во неговата добро позната естетика и внимателно изградените ликови. Топла и искрена семејна приказна, проткаена со бизарни мигови што предизвикуваат црвенеење, во која се зборува за еден збунет тинејџер што пробува да го најде своето место во општеството. Природноста во актерската игра и динамичните дијалози го поврзуваат гледачот со ликовите, што уште повеќе ја отежнува трагедијата која, сепак, мора да се случи.

За фановите на жанрот хорор, пак, (меѓу кои сум и јас), 2021 беше многу интересна година, бидејќи имаше од сѐ по нешто. Трилогијата Fear Street (побарајте ја на Нетфликс) ќе им се допадне на оние што претпочитаат шокантни и „креативни“ крвави убиства, но она што ги прави овие филмови поразлични од другите „слешери“ е обидот да се создаде прилично солидна приказна што ги поврзува трите дела и гради необична целина. Потоа, Saint Maud е одличен британски психолошки хорор кој не се потпира на класичните “jump scares”, туку настојува да допре до публиката преку морничавата атмосфера и психичкото распаѓање на една претерано религиозна медицинска сестра која се опседнува со својата пациентка.

Неизбежно е да се спомене и добитникот на Златна палма за 2021, со кој Жулија Докурно уште еднаш докажа дека е мајсторка за префинет body horror. Иако нејзиниот Raw лично ми остави посилен впечаток, Titane дефинитивно заслужува десетка за оригиналноста. Крајно необична приказна што ако паднела во рацете на некој помалку вешт режисер, резултатот лесно би можел да биде катастрофален. Прекрасна кинематографија, маестрална актерска игра и трансформација – топло го препорачувам!

За крај, од комерцијалните филмски остварувања што ги полнат киносалите, дефинитивно вреди да се потроши време за Dune. Првото парче од огромната сложувалка изгледа исто толку грандиозно колку и романот на Франк Херберт, па моја прогноза е дека визијата на Денис Виланев ќе стане дел од научнофантастичните класици од калибарот на Star Wars.

Марија Лукаревска