„Госпоѓиците од Авињон“: Современа балетска експресивност

... „современа балетска експресивност на една многу позната и конкретна уметничка слика.“

Поделена на 5 сосема различни телесни експресии, кореографијата го претстави раскршувањето на женското тело во насока на копнежот кон љубовта. Ексцентричната поставеност на рацете и класичната експензија на балетски поддршки и експресија го прикажа Пикасовото бунило околу колоритните госпоѓици од Авињон.


Моќна на свој начин, сценографската рефлексија ја отвори сцената преку вертикални екстензии на 3 имагинарни ѕидови, кои ја прошируваа кореографската димензија на почетокот и крајот на секој дел од делото. Почетното „раѓање“ на телата од подот го дефинираше фокусот на кореографијата – да ги нагласи највлијателните моменти на драматургија со фокус кон дното и да го заокружи делото во замрзната поза на „раѓање” која си оди од местото каде што започнала. 

Дефинитивно најсилна, најкомплетна  и најкомплексна слика е музичката поставеност која ја раскажа сензуалноста преку шпански мотиви и современи музички транзиции. Секоја музичка слика прецизно ја отслика индивидуалноста на драмската кулуминација на движењето, целосно исполнувајќи го просторот и времето. Современите музички раскршувања ја водеа драматургијата и точно ја дефинираа сензуалноста, тагата, радоста, емоцијата…. носејќи нè далеку од реалноста. Носејќи го слушателот на музичко патување кон Шпанската мелодија, композицијата ја отслика и разликата помеѓу машката и женската присутност на сцената, женскиот копнеж и машката доминантност.

За мене како водечки двигател на комплетната Пикасова слика, музичката композиција професионално ја постави, ја разви и ја заокружи пораката на уметничкото дело. Браво, браво, браво!

Елена Ристеска