(кон премиерата на „Вистински запад“ од Сем Шепард, режија на Борис Василески, МКЦ – Скопје)
Сем Шепард е најзначајниот модернистички американски драмски писател (и не само тоа и режисер и актер и музичар! Авторот на она што денес се нарекува Офф-Офф Бродвеј во американскиот театар). Вистински запад е една од најмоќните драми напишани воопшто, затоа што на мошне едноставен начин го покажува конфликтот помеѓу двајца браќа (а обично, како што нѐ учеше Аристотел, трагедијата е секогаш најсилна во рамките на семејството) и преобразбата на антагонистот во протагонист и обратно. Напишана во раните осумдесетти години од минатиот век, оваа драма до денес живее на театарските сцени ширум светот и голем број етаблирани актери ја имаат во своето портфолио. Причината е едноставна – Сем Шепард е мајстор за одлично изградени карактери од оние ликови за кои добивате Оскар или Тони или некоја друга голема актерска награда. Она што го прави исклучителен Шепард е неговото напишано режисерско решение во драмата – од штурците што свират, којотите што завиваат до изгледот на актерите што треба да ги одиграат ликовите на сцена. Големите режисери знаат дека нема „прережирање“ на некој негов текст. Што и да сакате да направите паѓате во стапицата на Шепард. Авторите како него кои градат едноставна приказна, силни карактери, моќни реплики се доминантни во драмскиот модернизам. Затоа режисерите не треба да интервенираат кај нив. Најмалку кај Шепард, уште помалку во Вистински запад.

На сцената на дансинг салата во Младинскиот културен центар во Скопје, премиерно беше изведена претставата Вистински запад во режија на студентот по театарска режија Борис Василески, во изведба на актерите Марјан Наумов како Остин, Томислав Давидовски како Ли, Мартин Манев како Сол и Тања Кочовска како мајката. Оваа камерна претстава станува успешна претстава во мигот кога актерите и режисерот ќе му поверуваат на Сем Шепард и ќе му се препуштат да ги води во драмата. Сценографијата на еден од актерите во претставата Мартин Манев е реалистично – миметички прикажаната куќа на мајката, во која се одвива главниот конфликт меѓу добриот и посветен син, сценарист, Остин (Марјан Наумов како да го открил главниот крвоток на Остин, несигурен, растреперен, затскриен зад зборовите, истовремено пластично моќен во трансформацијата) и неговиот брат, блудниот син, отпадникот од семејството Ли (кого Томислав Давидовски го игра експресивно, водејќи го од сцена во сцена со градација на силните емоции, со неколку гестови кои ќе му ги открие како заштитен знак). Преобразбата на едниот во другиот што Шепард моќно ја пренесува во текстот имавме прилика да ја видиме и во оваа претстава. Двајцата главни ликови целосно си веруваат еден на друг и се препуштаат на актерската изведба. Тука можеби треба само да се нагласи агресивната и силно емотивна игра во некои од сцените што сметам дека е последица на режисерското читање на текстот на Шепард. Ликот на продуцентот Сол кого Мартин Манев го игра скромно распостилајќи го пред нас со неговата некоординираност во времето и просторот и кој треба да биде точката на пресврт во конфликтната ситуација меѓу двајцата браќа, како да се повлекува пред актерската игра на главните актери. Она што ја зачинува актерската изведба е Тања Кочовска како мајката. Водејќи се од нејзиното искуство и целосно воведувајќи нѐ во најапсурдниот од сите ликови во оваа драма, таа гради вонредна актерска партитура од која помладите актери треба да учат.

Сметам дека оваа претстава како ќе живее на сцената ќе биде подобра и повпечатлива. Имајќи предвид на колку различни страни театарот може да егзистира, посебно во денешно време, имајќи предвид дека дигиталните светови комплетно се отворија во вакви пандемиски услови, како да ни е повеќе од потребна една ваква блиска, реалистична, интимна претстава во која е најважна актерската игра и ништо повеќе. Затоа што како и во животот, и во театарот, моќта е во емоцијата што ликовите ја предизвикуваат. А овде ги има многу и се комплексни и силни!
Ана Стојаноска