За вистинските театарски вредности

„Тоа што Ѓорѓи ни понуди на крајот на претставата да направиме муабет од половина час е исто така за пофалба, затоа што театарот не може да постои без публиката, а на театарските уметници им е повеќе од потребен контактот со публиката во овие пандемиски времиња“

(кон претставата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски, извршен продуцент Никола Кимовски, драматург и преведувач Владимир Јанчовски, копродукција на МНТ и „Перипетија продукција“)

Еден човек што игра и еден што го гледа се доволни да направат театар, велеше големиот театарски маг Питер Брук, на почетокот од својата, денес, култна книга „Празен простор“. Еден човек што игра и во играта го внесува сето свое знаење, сета своја љубов кон театарот, сето свое искуство, отворено, искрено, соголено до гола коска и ние публиката што немо, отворено, искрено, го примаше сето тоа знаење и уметност, заедно успеавме театарот да го направиме мала оаза надвор од целата врева на секојдневието, благодарение на непосредниот и искрен пристап на актерот, режисер, педагог Ѓорѓи Јолевски и неговата изведба на едно од најголемите драмски дела на ХХ век – „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет. Тоа што Ѓорѓи ни понуди на крајот на претставата да направиме муабет од половина час е исто така за пофалба, затоа што театарот не може да постои без публиката, а на театарските уметници им е повеќе од потребен контактот со публиката во овие пандемиски времиња. И не само сега и не само овде. Контактот, пренесувањето на емоцијата, размената на енергијата се клучната состојка на нераскинливата врска меѓу актерот/изведувачот и гледачот.

На малата сцена на Македонскиот народен театар, во централно решениот просторен фокус на работната маса на Крап, сценографски вешто концентриран елемент на Сергеј Светозарев сместено е целото драмско дејство. За да биде нагласена целата таа самотија и празнотија на долгогодишниот осаменички, самоизолирачки живот на единствениот протагонист на ова Бекетово ремек дело, сѐ наоколу е празно и моќно озвучено за уште повеќе да се нагласи Бекетовата позната тишина и мигот кога зборот потклекнува пред силното оружје на молкот. Во средето на празната пустелија (уште на влезот на публиката) се сретнуваме со единствениот актер и јунак на оваа претстава, остарениот Крап, седнат пред својата работна маса, онака како што Бекет тоа го наведува, сам со својот живот симболично сместен во лентите што ги снима за секој свој роденден. Ѓорѓи Јолевски е Крап и Крап е Ѓорѓи Јолевски, костимографски стилизиран во времето кога е создаден од страна на Ивана Каранфиловска – Угуровска, визуелно пренесувајќи ни го намуртениот, незадоволниот, истрошениот Крап, во облека полна џебови во кои ги крие сам од себе и клучевите и бананите, нагласувајќи ја целата апсурдност на неговото бидување, со смешно подгазените чевли остатоци од некои одамна минато, но незаборавено време и целата нивна симболика.

Да се игра драма во која повеќе треба да се молчи, отколку да се зборува, да се игра претстава во која авторот не му дозволува на актерот и на режисерот да делува надвор од зададените рамки, може да биде ограничување за просечните театарски уметници. Но, за мајстор како Ѓорѓи Јолевски, тоа што го прави Бекет му дава целосна отвореност да може да го прикаже целиот свој талент, целото свое умеење и моќта од едно драмско дело да создаде како што рече и самиот во разговорот – симфонија проткаена со молк, шум, збор, движење, гест, …, сите оние алатки што актерите си ги имаат за најсвои уште од Теспис па наваму, а само малкумина низ овие векови успеале сите истовремено да ги искористат во еден лик. Тоа му успеа на Ѓорѓи Јолевски. Неговиот Крап беше моќен владетел на сцената, истовремено играјќи и со снимениот глас на фамозната лента пет од кутија три, со репетитивните движења геометриски оградени во самиот простор, со експресивната фацијална експресија на која се читаше и животот што одминал со целата емотивна картографија, но и оној што сега го живее, со нервозните треперливи дланки кои се обидуваа тој живот да го продолжат манипулирајќи со лентата, како и со целата тишина на светот во себе за да може на светот надвор од себе да му ја даде барем за миг уметноста која сите ние ја сакаме. Театарот на апсурдот на Бекет е повеќе театар на бесмисла и нелогичност, играње со зборот и молкот, повторување на дејството да се нагласи сета таа неумешност на човекот во времето, затоа е и многу важно да се игра најреалистично што може за да се нагласи уште повеќе немоќта на зборот пред изразот, на дејството пред молкот. Тоа е клучното во читањето на Бекет и тоа Јолевски ни го покажа во неговата елементарна форма.

„Последната лента на Крап“ е едно силно ефективно театарско уметничко дело, во кое актерот, пред се, потоа и режисер и продуцент, Ѓорѓи Јолевски ни покажува кои се вистинските вредности на театарот и дека за тоа ви треба само еден човек што игра и еден што гледа. Сѐ друго е тишина.

Ана Стојаноска