(Кон претставата „History of the motherfuckers“, Ведрана Божиновиќ според „Кориолан“ на Вилијам Шекспир, режија на Андраш Урбан, продукција на Народен театар – Битола, изведена на Фестивалот МОТ, 19.11.2021)
Знаете ли која му била омилената драма од Шекспир на Хитлер? – прашува актерката Сандра Грибовска во една од сцените на претставата и одговорот директно го кажува Кориолан! И тука е сѐ јасно.
Има подобар почеток на рецензија за една толку моќна претстава, меѓутоа, мене ми остана во глава овој факт, кој го имав некогаш, некаде прочитано и ми беше токму како максима за сѐ она што е „History of the motherfuckers“. Креирана синхроно, на повеќе нивоа, истовремено позиционирана низ неколку планови, а толку прецизна и чиста како израз, претставата говори директно и моќно за човекот. Тој што ја гледа и тој што игра! За нас сите во светот во кој живееме, соочени со фамозното „се-е-дно“ во кое се наоѓаме, под закрилата на спинувањето и миењето на совеста со малите добронамерни гестови, за целосно да го оправдаме лицемерието кое и самите го создаваме.
Една од функциите на театарот, од неговите почетоци, е да го говори гласно она што другите го шепотат. Или воопшто не го кажуваат. Претставата „History of the motherfuckers“ на Народниот театар од Битола го продолжува, засилува и најдиректно освестува нивниот концепт за театарот – место во кое треба гласно да се говори против сѐ тоа што го обесправува општеството. Ова не е адаптација на „Кориолан“ од Шекспир, ова не е верзија на политички промислените памфлети со кои некои драматурзи се затскриваат деновиве, ова е претстава што создава тотален театар, комплетен и комплексен чин, инспириран од трагичниот јунак на Шекспир, кој секогаш ги оправдува своите (зло)дела со флоскулата дека е добро за народот. И режисерот Андраш Урбан (познат по неговиот груб – според Брук – режисерски ракопис, кој претставите ги почнува и создава на оние места каде што конформниот театар ги завршува) и драматургот Ведрана Божиновиќ, а пред сѐ, актерите Соња Михајлова, Викторија Степановска – Јанкуловска, Сандра Грибовска, Никола Пројчевски, Иван Јерчиќ, но и музичарите Александар Димовски и Славчо Јовев, а посебно композиторката Ирена Поповиќ, создаваат претстава од која после гледањето ви останува една силна емоција, сместена во соларус плексус и со која сакате и себеси и на светот да му мавнете шлаканица за да се свести(те)!

Отворената сцена која ја создал сценографот Валентин Светозарев, комуницираше директно со публиката, соочувајќи нѐ со фактот дека ништо во оваа претстава нема ниту да биде скриено, ниту пикнато „под килимче“. Во позадина беа сместени инструментите на музичарите (доминираа удирачките и тоа не треба да нѐ чуди, затоа што авторите на претставата имаа за цел да ја коментираат и нашата традиција и нашата сегашност и симболите што ни служат да ја експонираме националната култура), неколку столици и микрофони и еден практикабл, како и одличниот коментар со ретро апаратите за фризирање во кои „народот“ ја одлучуваше судбината на водачот. Коментар има и во кружницата на која на позадината на сцената се проектираа различни сцени – од исклучително симболичните сцени на сонцето, до воените сцени, „пукачките“ сцени од видеоигрите, моќниот контраст на сликите на воените гробишта, до аниме порнографските слики. Облечени комплетно во турбо фолк манир, костимографијата на Благој Мицевски, исто така, е коментар и на времето и на општеството и на начинот на кој се третира и светот и самите ние. Актерите вонредно моќно, директно и авторски прецизно го менуваа драмскиот простор и време – меѓу ова нашето – пандемиско, политичко, распаднато, остарено, транзициско и тоа римското на Кориолан – воено, поствоено, политичко, распаднато, распарталено. И сѐ во претставата е во директен контраст, истовремено и кажувајќи го и покажувајќи го сето труло, подскриено, намерно непокажано. Травестирано до максимум, а истовремено толку силно и моќно, имаше за цел да нѐ проектира и нас самите и нашиот однос кон светот. Од влегувањето во претставата со работното светло, коментарот со пеглањето на знамето, па сѐ до развивањето на дискусијата меѓу актерката Викторија Степановска Јанкуловска и публиката, до нејзиниот развој и моќниот крај – во кој низ сонг – низ историска перспектива го слушавме моќниот рефрен на тоа дека „сите ни ебаа мајката“, на еден специфичен, ако може така да се каже, современ брехтијански јазик, преку комплексната актерска игра и сонговите на Ирена Поповиќ, актерите на Битолскиот театар снажно проговорија за сегашноста. Не само за општествената, туку и за личната, за професионалната и приватната, за историјата и иднината. Покажаа моќно и доминантно, како се игра денешен, современ, актуелен театар, како се пее како актер, како се „чита“ секоја ситуација во која сме ставени и како треба да се одговори на истата. Актерското мајсторство секогаш е скриено, а директно доживеано, одличниот актер ја заведува публиката на посебен јазик, во оваа претстава, актерите и тоа сите одеднаш и сите посебно на свој начин, комуницираа со публиката и покажаа како треба да се игра денес, како се трансформира еден актер во ликот (и тоа отворено пред нас), како се коментира и својата игра и својот театар и како единствена цел е претставата, ништо повеќе, ништо помалку.

За претставата „History of the motherfuckers“ може да се пишува и зборува многу, да се гледа и прегледува уште многу пати, да се бараат сите симболи, значења, и скриени и директни, но, она што е најважно е дека – на најчист театарски јазик – ова е театар кој моќно и директно ни покажува какви сме и каков е светот во кој живееме, како огледало, без да води сметка дали се осеќаме убаво кога се гледаме во него!
Ана Стојаноска