Лајкови, следбеници, инста-приказни, влогови, инфлуенсери – живееме во време кога дигитализацијата почнува да зазема сѐ поголеми размери и тоа резултира со создавање нов, инста-свет, различен од реалниот. А тој инста-свет има моќ најпрво да те заинтригира, потоа да те вовлече, за на крај целосно да те обземе. Опседнатоста со постојаното „скролање“ и ѕверење во малиот екран колку и да причинува задоволство, прашање на време е кога ќе премине во измачување. И тоа е измачување што свесно си го причинуваме самите на себе, неспособни да се одјавиме, неволни да кажеме „доста е“…

„Дневна доза мазохизам“ (по текст на Дина Вукелиќ и во режија на Лука Ибрахим Кортина) е претстава посветена на последиците што можат да произлезат од отуѓувањето од стварноста поради опседнатоста со виртуелниот свет. По неконвенционалното првенче „Иднината е приватна“, младото здружение за афирмација на театарска уметност „Пресврт“ го започна месецот септември со својот втор театарски проект. Иако за разлика од претходното, ова нивно дело се придржува до класичната форма на една театарска претстава, сепак, не се плаши да ги поместува границите и да си игра со различни мултимедијални елементи.
Почетокот е експлозивен и без да должи многу нѐ воведува во проблемот што ги мачи младите Тома (Дарко Ристовски) и Јанко (Томислав Давидовски). Како претставници на „отпадниците“ кои не можат да се вклопат во инста-светот и да ги следат трендовите што тој ги налага, тие само стојат на страна и разглобуваат длабоки филозофски прашања за животот и смртта, додека сите околу нив безгрижно им се препуштаат на забавата и развратот. Во центарот на нивното внимание е малолетната влогерка и инфлуенсерка Софија (Ава Хусеини) – олицетворение на виртуелниот идеал полн со скриени внатрешни конфликти, несигурности и семејни драми.

И преостанатите ликови се јавуваат како персонификација на повеќе проблеми што можат да се сретнат во современото секојдневје: генерацискиот јаз помеѓу децата и родителите кои се заглавени во минатото и не можат да го сфатат модерниот начин на живеење; вмешаноста на политиката во сите животни сфери дотолку што млади луѓе не можат да се вработат и покрај своите квалификации и способности; навидум безопасниот воајеризам кој лесно може да ескалира; стигматизацијата на проблемите со менталното здравје… За да се отсликаат сите овие општествени прашања преку улогите на сцена, сосема соодветно е одбрана разновидна актерска екипа, од различни генерации и со различни искуства (покрај гореспоменатите играат и Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Димитрија Доксевски, Ѓорѓи Јолевски, Амернис Нокшиќи). Ниту еден од носителите на дејството не е редундантен, напротив секој од нив е во функција на разрешување на драмскиот конфликт, а актерите претежно играат природно и реалистично и успеваат да ја пренесат пораката на својот лик. Сепак, режисерот решава да експериментира малку на ова поле, па актерската игра преминува во гротеска во миговите кога влегуваме во главата на главниот лик Тома. Така се поставува граница помеѓу стварноста и имагинацијата и истовремено се става акцент на одредени проблематики што вреди да бидат истакнати.
Покрај со впечатливите ликови, претставата го држи вниманието на публиката служејќи се и со многу други средства: ефектна музика, креативни сценографски решенија (Мартин Манев), видео-проекции (Кирил Манчевски), кореографски елементи (Наталија Теодосиева) и сонгови. Сите овие компоненти заедно во комбинација некојпат стануваат хаотични и можат да го дефокусираат гледачот (слично како што тоа го прават и дигиталните алатки кога ни го одвлекуваат вниманието од важните работи). Текот на приказната во ниту еден момент не замира, па можеби некому ќе му недостигаат оние осцилации во дејството кои придонесуваат за неговата динамичност. Крајот е исто толку брз и ненадеен и создава впечаток на недовршеност, но тоа може да се протолкува и како можност гледачот самиот да одлучи кој пат ќе го одберат ликовите.

„Дневна доза мазохизам“ несомнено обработува теми што го засегаат секого, но претставата одбира да зборува на јазикот на зумерите (генерација З) и им е наменета, пред сѐ, ним. Гласна, современа и наметлива – ги содржи сите карактеристики што се во тренд и што можат да го задржат фокусот на публиката во време на „сјајни, светлечки“ дистракции кои воопшто не се наивни. Напротив, тие заслепуваат со блесокот на лажните идеали и нудат бегство од реалноста, а за возврат земаат дел од корисникот и му всадуваат црв во главата кој деноноќно му го поставува прашањето: „зошто не сум како него/неа?“ Ако ова театарско дело успее да ги поттикне гледачите барем малку да им одолеат на тие дистракции, може да се каже дека ја постигнало целта.
Марија Лукаревска