„Избраниот“ – Само уште едно feel – good клише или дело кое ќе ги сруши стереотипите за религискиот жанр?

„Станува збор за една чудесна сторија во која е и допрва ќе биде опфатен периодот од животот на Исус наречен Христос заедно со воскресението“.

„Кој е Исус за тебе?“ 

Ова е можеби најактуелното прашање на минатите два милениума, кое до ден денес измачува многумина. За некои лудак, измамник, морален учител, историска личност, или пак пророк, а за други пак Бог, спасителот на човештвото и воедно личноста на која се должи постоењето. Но, за сите е заедничко истакнувањето на фактот дека Исус имал значителна улога во обликувањето и развојот на светот од новата ера. Неговото име и животна приказна доживеаја огромен поврат во филмската индустрија, а овој пат на малите екрани во многу поинакво издание од кога било, како повеќе – сезонско шоу во режија на Далас Џенкинс наречено „Избраниот“.

Станува збор за една чудесна сторија во која е и допрва ќе биде опфатен периодот од животот на Исус наречен Христос заедно со воскресението.  Подетално, во првата сезона дејството е фокусирано на клучните настани од животите на Исусовите апостоли и ученици кои доведуваат до вкрстувањето на нивните патишта со неговиот, а потоа и самиот почеток на неговото движење. Џонатан Руми ги надмина моите релативно ниски очекувања за неговите актерски способности, остварувајќи го својот целосен потенцијал во улогата на спасителот, по која сега е најпознат. Со својот перформанс тој квалитативно го достигнува дури Џим Кавизел („Страста на Христос“), издвојувајќи се од сите досегашни клише изведби на оваа улога.

Глумата на Руми не е единственото нешто за пофалба. Од една страна кинематографијата (Акис Константакопулос), преку која значително се согледува вештиот избор на палетата бои, соодветна на стариот израелски амбиент, со кафеаво – жолтата како доминантна нијанса. Од друга страна пак музичката композиција (Ден Хаселтин и Мат Нелсон) која претставува комбинација на традиционална музика од блискиот исток и блузот, при што се создава еден нов комбиниран музички стил, кој ги доловува чудесните настани кои го градат сижето. 

„Избраниот“ е еден од ретките кои навистина се издвојуваат од стереотипните feel – good христијански филмови и серии. Иако бев скептик пред да се одлучам воопшто да седнам и да гледам, сепак не зажалив за мојата одлука. Без разлика на тоа дали сте религиозни, оваа приказна за страдањето, непресушната верба, како и значењето на животот низ призмата на христијанското учење, може да ви даде освежувачка перспектива и да ве поттикне да тргнете во потрага по одговорите на големите прашања. 

9.5/10

Евгенија Арсова