Дали сте љубители на детективски приказни сместени во мали гратчиња каде што секој нешто крие? Да? Тогаш „Мер од Истаун“ e совршената ТВ-серија за вас! Само бидете внимателни бидејќи оваа серија оди чекор подлабоко во емотивниот свет на јунаците и додава уште една димензија на вообичаено дводимензионалните ликови од детеквиските серии.
Серијата е „тазе“ излезена, а веќе освои четири „Еми“ награди. Сега за сега има една сезона со седум епизоди кои прикажуваат ист настан – истрага на убиството на млада самохрана мајка. Во центарот на случувањата е детективката Мер која ја води истрагата додека се соочува со низа лични и семејни проблеми. Мер ја игра Кејт Винслет која целосно се стопува со ликот и дава повеќеслојна интерпретација на типична тропа – песимистичен и емотивно нестабилен детектив. Иако проаѓа низ развод, битка за старателство врз внук ѝ и конфликти со неколкуте локалци, проблемот кој најмногу ја гуши Мер е скорешната смрт на син ѝ. Таа ја заташкува траумата длабоко во себе и ја крие ранливоста пред другите, но преку секој гест може да се почуствува тежината што си ја става врз плеќи.

Настаните се одвиваат во тмурно и чудно гратче во Пенсилванија каде владее семејна атмосфера и каде сите се знаат. Бидејќи Мер таму живее целиот свој живот, жителите се свесни за загубата на син ѝ, но ретко кој покажува разбирање за детективката. Напротив, повеќето ја обвинуваат за неуспехот на истрагата и ѝ го ставаат кредибилитетот под знак прашалник. Но ни Мер не е цвеќе за мирисање. Одбивањето да се соочи со минатото влијае врз нејзиниот однос кон семејството и останатите жители. Водена од страв и гнев, таа ја заборава емпатијата и прави сé за да го добие тоа што го посакува. Едноставно никој не е совршен во Истаун и секој носи некоја болка во себе. Затоа, нема апсолутно негативни или позитивни ликови. Сите се трудат да ја потиснат тагата и да продолжат по посветол пат.
Интересно е што приказната на „Мер од Истаун“ е алегориска. Личните проблеми на детективката се директно поврзани со проблемите на заедницата и се пресликуваат во убиствата и трагите што таа ги следи. Семејната траума, убиената тинејџерка, борбите за старателство, зависникот од дрога кој ја ограбува сестра си … сé се испреплетува веќе во втората епизода. Затоа, за разлика од повеќето детективски серии, главните предизвици не се сложените траги, криптичните ликови и корумпираниот систем. За хероината, истрагата е едно огромно матно огледало. За да го реши случајот, таа мора да ги забрише дамките и да се соочи со себе, минатото и заедницата.

Најубавото нешто кај оваа реалистична крими драма е што преку внатрешната трансформација на Мер, гледачите можат самите да се втурнат во едно интроспективно патување (Спремете се за плачење!). Но, како и главната хеорина, и оваа серија не е без своите маани. Во неа од време на време се појавуваат комични сцени кои наликуваат на “sitcom” и служат да ја олабават и приземјат атмосферата. Често тие се симпатични, но на моменти делуваат и непотребно. А неколкуте предвидливи пресврти и некреативната „клише“ музика лесно можат да го збунат или одвлечат гледачот.
Очигледно е дека креаторите на серијата сакале да дадат благ модерен „твист“ на типичен жанр. Тие го ставиле фокусот на внатрешниот свет на ликовите кои се обични луѓе, а не на полициските траги или пак на психоанализа на изопачен убиец. Серијата исто така се стреми да раздлабочи одредени жанровски конвенции, но и истовремено да ги испочитува и да се води по нив (тело на девојка најдено во шума, детектив со тежок живот, полициски шеф како татковска фигура, суспендирање поради лошо однесување…). Дали успева да ги надмине обрасците и колку воопшто тие се потребни за една „добра“ детективска серија? Останува на вас да гледате и одлучите сами.
Филипа Сара Попова
*Во соработка со Europe House Skopje организиравме работилници за филмска критика. Ова е една од рецензиите напишани во рамки на работилниците.