„Тоа е грев“: Емоционален ролеркостер на шините помеѓу животот и смртта

“Како да е емоционален ролеркостер, серијата го има потенцијалот да ги вивне гледачите до највисокото ниво на еуфорија и среќа, за потоа да ги спушти во бездната на безнадежност, неизвесност и тага.“

Што ако дознаеш дека она што го обожаваш, може да те убие? Како би се чувствувал кога би гледал како твоите најблиски полека умираат од мистериозна, опасна болест? Дали би се осмелил да бидеш во нивна близина ако си слушнал дека таа смртоносна болест е заразна? Прашањата што ги измачуваат главните ликови во мини-серијата „Тоа е грев“ (It’s a Sin) биле актуелни во 1980-тите, кога вирусот ХИВ од Америка почнал да си го пробива  патот во Велика Британија. Актуелни се и денес, бидејќи стравот од непознатото, стигматизацијата на инаквото и медиумската неписменост сѐ уште владеат кај пошироката популација. 

Креаторот на оваа британска телевизиска драма, Расел Т. Дејвис (познат како автор на ТВ-сериите Queer as Folk и Years and Years), успеал да создаде емотивна и впечатлива приказна во чиј фокус се наоѓаат тројца хомосексуалци и нивната најдобра пријателка. Петте епизоди (инспирирани од личните искуства на Дејвис) се сосема доволни за дејството и ликовите убаво да се развијат, а поврзаноста што настанува помеѓу гледачот и Ричи, Роско, Колин, Џил и сите останати карактери, се задржува во потсвеста долго по изгледувањето на последните сцени.

Ричи, Роско и Колин, желни да побегнат од нивната средина која им станува претесна, решаваат да се пронајдат себеси во грандиозниот Лондон. Таму среќаваат сосема поинаков свет – широкоград, возбудлив и полн со можности. Судбината им ги спојува патиштата и тие од тотални странци, стануваат цимери и најдобри пријатели. Несвесни за опасноста што ги демне зад аголот, секојдневјето им е исполнето со луди забави, разврат и необични познајници. Важен дел од нивниот живот е и цимерката Џил, нивниот глас на разумот, која иако безрезервно ги поддржува, секогаш им посочува кога ги преминуваат границите. Во екот на нивната младост, лудоста им ја скротува појавата на „чумата“ што наводно ги напаѓа само мажите кои се геј. Народот нема пристап до точни информации, па верува дека вирусот се пренесува преку допир, воздух и плунка, поради што заболените се осудени на карантин. „Само немој да имаш секс со Американци и ќе бидеш безбеден“, вели еден од ликовите, а влијателни стануваат и теориите на заговор, според кои не постои никаква мистериозна болест, туку сето тоа е пропаганда чија цел е да ги спречи хомосексуалците да имаат секс. Но сѐ повеќе луѓе што ги познаваат умираат и прифаќањето на реалноста е неизбежно. Со тоа доаѓа и стравот, преиспитувањето на минатите одлуки, недовербата и револтот кон властите кои не се заинтересирани да ги заштитат своите граѓани.

Овие емоции и состојби одлично се доловени, пред сѐ, благодарение на актерската екипа. Омари Даглас убедливо го игра темпераментниот Роско кој ѝ пркоси на старомодната околина со тоа што гордо носи шминка, не се срами да биде тоа што е и не се плаши гласно да го искаже своето мислење. Калум Скот Хауелс се појавува во улогата на Колин, кој е целосна спротивност на Роско. Мирен, тивок и повлечен, иако не се експонира, не значи дека не носи во себе „скриено жарче“. Предизвик е да се доближи карактер кој не е толку впечатлив како другите, но глумата на Калум блеснува во најтешките мигови од животот на неговиот лик. Лидија Вест можеби покажува најголема зрелост во актерската игра, но таква е и Џил, улогата што ѝ е доделена. Стабилна и грижлива, Лидија е олицетворение на мајчинската фигура што очајно им е потребна на нејзините пријатели. Сепак, Оли Александер (музичар познат како Years&Years), е најголемото актерско изненадување во серијата. Тој успева да го направи Ричи симпатичен и одбивен, забавен и напорен истовремено, што создава посебна врска со гледачите, бидејќи тие го запознаваат како да е вистински човек, со сите свои доблести и мани. И го прифаќаат како таков. 

Ништо помалку успешни не се ни преостанатите „помали“ ликови како што се  атрактивниот Еш (Натаниел Куртис), кројачот Хенри Колтрејн (Нил Патрик Харис), пријателите и семејствата на главната четворка – сите се еднакво добро разработени. Покрај кастингот, уште еден моќен адут на серијата се брилијантните реплики, кои лесно остануваат во сеќавање, збогатени со интелигентен хумор што ги разведрува и најмрачните моменти. Мини-драмата пулсира во ритамот на тоа време, па обожавателите на „Бронски Бит“, „Пет Шоп Бојс“ и „Софт Сел“ несомнено ќе уживаат во музичкиот избор. Сценографијата и костимите се исто така автентични за периодот во кој се одвива дејството, но кинематографијата ги модернизира сцените и им дава посовремен печат.

Во најголема мера, „Тоа е грев“ возбудува и расположува. Забавува и го заковува погледот на екранот. Но тоа не значи дека не замислува и не критикува. Тоа што  голем дел од клучните сцени во кои се прикажува дискриминацијата на хомосексуалците и на заболените од СИДА се проткаени со духовити досетки, не значи дека на овој проблем  не му е дадено вниманието што го заслужува, напротив. Како да е емоционален ролеркостер, серијата го има потенцијалот да ги вивне гледачите до највисокото ниво на еуфорија и среќа, за потоа да ги спушти во бездната на безнадежност, неизвесност и тага. И покрај акцентот на сите неправди, осуди и предрасуди, нејзината суштина лежи во значајноста на емпатијата, човечноста и пријателството. „Кога светот им го сврте грбот, тие се имаа еден со друг“, гласи најавата за „Тоа е грев“, а тоа е единственото важно нешто во општество што сѐ уште е далеку од градењето толеранција и разбирање за ЛГБТИ заедницата.

Марија Лукаревска

*Оваа рецензија е напишана во соработка со Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.